Азурен Брег
француска ривиера, средоземниот брег на Франција / From Wikipedia, the free encyclopedia
Азурен Брег (француски: Côte d'Azur) или Француска Ривиера — средоземниот брег на југоисточниот дел на Франција, вклучувајќи ја и суверената држава Монако. Нема официјална граница, но обично се смета дека се простира од италијанската граница на исток до Сен Тропе, Јер, Тулон или Касис на запад.[1][2]
Ова крајбрежје било една од првите современи области за одмор. На почетокот, во XVIII век тоа било зимско одморалиште за британската висока класа. Со пристигнувањето на железничката пруга кон средината на XIX век, станало место за забава и рекреација и на британската, руската и другите аристократии, како и омилено место на кралицата Викторија и кралот Едвард VII, кога тој бил принц од Велс. За време на летото, исто така, претставувала дом на многу членови на семејството Ротшилд. Во првата половина на XX век била посетена од голем број уметници и писатели, меѓу кои биле Пабло Пикасо, Анри Матис, Едит Вортон, Вилијам Сомерсет Мом и Олдос Хаксли, како и од богатите Американци и Европејци. По Втората светска војна станало популарно туристичко одредиште и место за конвенции. Многу познати личности, како Елтон Џон и Брижит Бардо, имаат куќи во областа. Официјално, Азурниот Брег е дом на 163 националности со 83.962 странски жители[3], иако проценките на бројот на странски државјани кои живеат во област често се многу повисоки.[4]
Најголем град е Ница, кој има население од 347.060 (2006).[5] Градот е центар на урбаната заедница Ница-Азурен Брег, која се состои од 24 општини и над 500.000 жители во урбаната област.
Ница е дом на аеродромот Ница Азурен Брег, трет најпрометен аеродром во Франција (по аеродромите Париз-Шарл де Гол и Париз-Орли), кој се наоѓа на областа на делумно одземена крајбрежна земја на западниот крај на Англиската променада. Вториот аеродром во Манделе некогаш бил комерцијален аеродром на областа,[6] но сега главно се користи од страна на приватни и деловни авиони.[7] Автопатот А8 поминува низ областа, како и стариот главен пат општо познат како национален пат број 7 (официјално сега наречен D N7 во департманот Вар и D6007 во департманот Приморски Алпи).[8] Возовите го опслужуваат крајбрежниот регион и внатрешноста на Грас, а возот TGV пристигнува за 5 и пол часа од Париз во Ница.
Француската ривиера има вкупно население од над два милиони жители. Ги содржи приморските летувалишта на Кап д’Ај, Болје сир Мер, Сен Жан Кап Фера, Вилфранш сир Мер, Антиб, Жијан ле Пин, Кан, Сен Рафаел, Фрежис, Сент Максим и Сен Тропе.[9] Исто така е дом на паркот за висока технологија и наука односно технопол кој се наоѓа во Софија-Антиполис (северно од Антиб) и центарот за истражување и технологија на Универзитетот во Ница Софија-Антиполис. Регионот има 35.000 студенти, од кои 25% работат на своите докторати.[10]
Француската ривиера е огромна област за пловење и крстарење со неколку пристаништа по должината на брегот. Според Агенцијата за економски развој на Азурниот Брег, секоја година ривиерата е домаќин на 50% од светската флота на суперјахти, со посета на 90% од сите суперјахти на брегот на регионот барем еднаш во својот живот.[11]
Како туристички центар има голема придобивка од 300 сончеви дена годишно, 115 километри долго крајбрежје и плажи, 18 голф-терени, 14 ски-центри и 3.000 ресторани.[12]