Деклинација (астрономија)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Деклинација (крат. дек, dec или δ) — една од двете координати на екваторскиот координатен систем во астрономијата (другата е ректасцензијата или часовниот агол). Деклинацијата во астрономијата е споредлива со географската ширина на земјата, но проектирано на небесната сфера и ја претставува оддалеченоста на небесното тело од небесниот екватор[1]. Се мери во степени северно и јужно од небесниот екватор. Точките северно од екваторот имаат позитивна деклинација, а точките јужно од него имаат негативна.
- Објект на небесниот екватор има деклинација од 0°.
- Објект на небесниот Северен Пол има деклинација од +90°.
- Објект на небесниот Јужен Пол има деклинација од −90°.
- За други значења, видете Деклинација (појаснување).
Знакот се става пред бројката без разлика дали е негативен или позитивен. Деклинацијата може да се изрази во секоја аголна единица, а најзастапено е изразувањето во лачни степени, минути и секунди.
Едно астрономско тело непосредно над набљудувачот (во зенитот) има деклинација речиси еднаква на неговата географска ширина. Затоа, една поларна ѕвезда има деклинација од приближно +90° или −90°. При северна ширина φ (φ = ширина на набљудувачот) > 0, небесните објекти со деклинација поголема од 90° − φ секогаш се видливи. Ваквите ѕвезди се нарекуваат околуполарни ѕвезди, а појавата кога Сонцето не заоѓа се нарекува поларен ден.
Кога објектот е непосредно над набљудувачот, деклинацијата е во опсег на 0,01 степен од неговата географска ширина. Деклинацијата и географската ширина не се совпаѓаат од две причини. Првата е фактор што важи за сите небесни објекти: деклинацијата на објектот е еднаква на астрономската ширина на набљудувачот, но под поимот „ширина“ обично подразбираме геодетска ширина. Оваа разлика обично не надминува неколку илјадинки од еден степен, но во исклучителни случаи (како на големиот остров Хаваи) знае да надмине 0,01 степен. Од практични причини, втората причина важи само за објекти од сончевиот Систем: „деклинацијата“ по обичај се мери од центарот на Земјата, која не е сосем сферна, па затоа правата што се протега од Земјиниот центар до објектот не е сосем нормална на површината на Земјата. Така, кога Месечината е непосредно над набљудувачот, нејзината геоцентрична деклинација може да се разликува од астрономската ширина на објектот во износ до 0,005 степени. Важноста на оваа појава е обратнопропорционална на оддалеченоста на објектот од Земјата, па затоа се зема предвид само во однос на Месечината.