Загадување на воздухот
From Wikipedia, the free encyclopedia
Под загадување на воздухот се подразбира внесување на нови некарактеристични физички, хемиски и биолошки материи во [Атмосфера|атмосферскиот] воздух или промена на одамна веќе присутните концентрации на овие материи во животната средина. Загадување на воздухот е широк термин применет на хемиски, физички (на пр. честички), или биолошки агенси кои ги менуваат природните одлики на атмосферата. Загадувањето на воздухот е една несакана состојба на природната средина каде што воздухот е загаден со супстанции што се штетни за здравјето на човекот.
Загадувач на воздухот е секоја супстанца која може да предизвика штета на луѓето и животната средина. Загадувачите можат да бидат во форма на цврсти честички, течни капки или гасови. Освен тоа, тие можат да се природни или создадени од човекот.[1]
Загадувачите би можеле да се класифицираат како примарни или секундарни. Обично примарните загадувачи директно се испуштаат од даден процес, како пепелта од вулканските ерупции, јаглеродниот моноксид од испустите на моторните возила или сулфур диоксид ослободен од фабриките. Секундарните загадувачи не се испуштаат директно, туку тие се создаваат во воздухот со реакциите или заемодејствата меѓу примарните загадувачи. Важен пример на секундарен загадувач е приземниот озон — еден од многуте секундарни загадувачи кои се составен дел од фотохемискиот смог. Некои загадувачи можат да бидат и примарни, и секундарни, односно тие се испуштаат директно, но исто така се создаваат од други примарни загадувачи.
Загадувањето на воздухот во домовите, како и квалитетот на градскиот воздух се наведени како два од светските најголеми проблеми со загадување во извештајот од 2008 за најмногу загадени места на Институтот Блексмит.[2]