ФК Железничар Сараево
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фудбалски клуб Железничар е фудбалски клуб од Сараево, Босна и Херцеговина и еден од најголемите и најуспешните клубови во земјата. Името Железничар значи "железнички работник", а клубот го носи ова име токму порад фактот дека бил основан од страна на група на железнички работници. Во Босна, клубот традиционално е познат по производството на талентирани играчи, наместо нивно купување. Клубот обично се потпира на продажба на своите најталентирани играчи на крајот на секоја сезона[2] за да преживее финансиски.
Железничар | ||||
---|---|---|---|---|
Целосно име | Фудбалски клуб Железничар | |||
Прекар | Жељо,[1] Плави (Сините) | |||
Основан | 19 септември 1921; пред 102 години (1921-09-19) | |||
Стадион | Грбавица | |||
Капацитет | 17.000 | |||
Претседател | Ведран Вукотиќ | |||
Тренер | Славко Петровиќ | |||
Лига | Премиер лига | |||
2023/24 | 6-ти | |||
Мреж. место | Официјално мрежно место | |||
| ||||
Во времето на поранешна Југославија, ФК Железничар биле шампиони еднаш во сезоната 1971-1972, квалификувајќи се за Европскиот куп во 1972-1973 сезоната, каде што биле елиминирани во првата рунда. Клубот исто така завршил како вицешампион еднаш во лигата, и бил финалист во Купот на Југославија во сезоната 1980-1981. Во Европа, клубот е најпознат по достигнувањето до полуфиналето на Купот на УЕФА за време на сезоната 1984-1985 и четвртфиналето во сезоната 1971-1972.
Железничар е првиот босански клуб кој успеал да стигне до полуфиналето на Купот на УЕФА и еден од ретките тимови од Југославија кои некогаш успеале да го сторат тоа. Железничар е исто така најуспешниот фудбалски тим во денешна Босна и Херцеговина, со освоени 6 првенства на Босна и Херцеговина, 5 купа и 3 суперкупа. Клубот никогаш не успеал да се квалификува за Лигата на шампионите (во ерата пост Европскиот куп), а како најдобар резултат на клубот би можело да се истакне достигнувањето до третото (последно) квалификациско коло во сезоната 2002-2003, во кое загубиле од Њукасл Јунајтед со вкупен резултат 0-5. Според списокот на IFFHS од Топ 200 европски клубови на 20-от век, организација призната од страна на ФИФА, Железничар е највисоко рангираниот босански клуб, на делба на 110-тотот место на листата заедно со АЗ Алкмар и Виторија Сетубал.[3]
Своите домашни натпревари Железничар ги игра на стадионот Грбавица, кој е со капацитет од 17.000 седечки места. Основните бои на клубот се сината и белата и најчесто настапуваат сини дресови и шорцеви или бели дресови и шорцеви. Нивен најголем соперник им е локалниот градски конкурент ФК Сараево, со кого се натпреварува во Дербито на Сараево, во кое гледано историски Железничар доминира. Низ историјата клубот има произведено многу великани на југословенскиот и босанскиот фудбал, како: Ивица Осим, Јосип Каталински, Мишо Смајловиќ, Благоје Братиќ Хајрудин Сарачевиќ, Јосип Букал, Божо Јанковиќ, Мехмед Баждаревиќ, Един Бахтиќ, Радмило Михајловиќ, Харис Шкоро, Никола Никиќ, Един Чуриќ, Џелалудин Мухаремовиќ, Един Вишча и Един Џеко.