Холандска источноиндиска компанија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Холандската источноиндиска компанија, официјално Обединета источноиндиска компанија (холандски: Vereenigde Oost Indische Compagnie; VOC), била мултинационална корпорација основана со здружување (под закрила на Холандската влада) на неколку конкурентски холандски трговски претпријатија на почетокот од 17 век. Оваа компанија се смета за најголема компанија која што некогаш постоела во светската историја.[1] Основана е на 20 март 1602 година, како компанија овластена за трговија со Могулска Индија,[2] од каде што се увезувале 50% од текстилот и 80% од свилата, претежно од најразвиениот регион познат како Бенгалска Суба.[3][4][5][6][7] Покрај ова, компанијата тргувала и со земјите од Југоисточна Азија откако Холандската влада ѝ доделила 21-годишен монопол во трговијата со зачини.
Компанијата била заведена како трговско друштво (т.е. друштво на трговци кои тргуваат со стоки произведени од други) и понекогаш како транспортно друштво. Но, Холандската источноиндиска компанија всушност била протоконгломерат, која вршела дејност во повеќе трговски и индустриски активности како: меѓународна трговија (најчесто внатреазиската трговија),[8][9][10][11][12] бродоградба, и производство и трговија со источноиндиски зачини,[13] индонезиско кафе, формозанска шеќерна трска,[14] и јужноафриканско вино.[15] Компанијата вработувала луѓе од повеќе континенти и била меѓу првите кои започнале со надворешните странски директни инвестиции во раниот нов век. Во зачетокот на модерниот капитализам со холандски капитал се граделе урбани центри, се развивале економските активности, се основале нови индустрии, и се отворале нови работни места, нови трговски компании, се сушеле мочуриштата, се отворале рудниците, почнала експолоатација на шумите, се граделе канали, мелници и бродови.[16][17][18][19][20] Во раниот нов век, Холанѓаните биле меѓу првите инвеститори и капиталисти кои го подигале комерцијалниот и индустрискиот потенцијал на неразвиените или недоволно развиените земји чии што ресурси биле експлоатирани. На пример, економиите на Тајван и Јужна Африка пред ерата на Холандската источноиндиска компанија беа претежно рурални. Вработените во Холандската источноиндиска компанија ги изградиле и ги развиле првите модерни урбани подрачја во Тајван (Тајнан) и Јужна Африка (Кејп Таун и Стеленбош).
На почетокот од 17-тиот век, биле издавани обврзници и акции за пошироката јавност. Холандската источноиндиска компанија станала првата јавна компанија која била поставена на берза.[25][26][27][28][29][30] Со своите институционални иновации и улогата која ја одиграла во светската деловна историја, оваа компанијата според многумина е претходник на модерните корпорации. Од многу аспекти, современите корпорации се „директни потомци“ на моделот на Холандската источноиндиска компанија.[22][31][32][33] Нејзините институционални иновации и деловни практики од 17 век ги поставиле темелите за појавата и подемот на џиновските глобални корпорации во вековите кои следуваат,[21][22][23][34] - како многу значајна и социо-политичко-економска сила на денешниот свет [35][36][37][38][39] – да станат доминантен фактор во речиси сите економски системи денес. Таа била модел за организациска реконструкција на Англиската/Британската источноиндиска компанија во 1657 година.[40][41][42][43] Компанијата, за речиси 200 годишното постоење (1602-1800), успеала да се трансформира од корпоративен ентитет во држава или империја. Како едно од највлијателните и најистражуваните деловни претпријатија во светот, за Холандската источноиндиска компанија се напишани многу трудови меѓу кои и белетристика и научни дела.
Историски, компанијата била пример за државна компанија а не како исклучиво профитна корпорација. На почетокот било воено-трговско претпријатие поддржано од владата. Холандската источноиндиска компанија била создадена според замислата на холандскиот републикански државник Јохан ван Олденбарневелт. Уште при своето основање во 1602 година, компанијата не била само трговско претпријатие, туку и воено средство во револуционерната војна на младата Холандска Република против моќната Шпанска империја и Пиринејскиот сојуз (1579–1648). Во 1619 година, компанијата насилно поставила центар во јаванскиот град Џајакарта, менувајќи ѝ го името во Батавија (денешна Џакарта). Во текот на следните два века компанијата и други пристаништа ги претворила во трговски бази и ги заштитувала нивните интереси со преземање на околната територија.[44] За да го гарантира своето снабдување, компанијата воспостави позиции во многу земји и стана ран пионер на надворешните странски директни инвестиции . [б 1] Во своите странски колонии, Холандската источноиндиска компанија поседуваше квазивладини овластувања, вклучително и способност да води војна, затвора и погубува осуденици,[48] преговара за договори, кова свои монети и да основа колонии.[49] Заедно со Холандската западноиндиска компанија (WIC/GWIC), Холандската источноиндиска компанија се сметала за меѓународна рака на Холандската Република и симбол на моќта на Холандската империја. За да ги унапреди своите трговски патишта, Холандската источноиндиска компанија финансирала неколку истражувачки мисии, како оние предводени од Вилем Јансон, Хенри Хадсон и Абел Тасман, кои откриле дотогаш непознати копнени маси за западниот свет. Во златното доба на холандската картографија (ок. 1570s–1670s ), навигаторите и картографите на Холандската источноиндиска компанија помогнале исцртувањето на копната на многу острови.
Социо-економските промени во Европа, промената на центарот на моќ и лошиот финансиски менаџмент биле причините за опаѓањето на моќта на Холандската источноиндиска компанија во периодот од 1720 до 1799 година. По финансиски исцрпувачката Четврта англо-холандска војна (1780–1784), компанијата била национализирана во 1796 година,[50] и конечно била распуштена на 31 декември 1799 година. Целиот нејзин имот бил преземен од владата, а териториите на Холандската источноиндиска компанија станале холандски владини колонии.