Светско првенство во фудбал 1998
From Wikipedia, the free encyclopedia
Светското првенство во фудбал 1998 година било 16-тото Светско првенство во фудбал, меѓународен фудбалски турнир кој се одржува на секој четири години и на кој право на учество имаат сите членки на ФИФА кои ги минале квалификациите. Првенството се одржало во Франција од 10 јуни до 12 јули 1998 година. Земјата-домаќин била избрана од страна на ФИФА по втор пат во историјата на натпреварувањето, совладувајќи го Мароко во процесот на наддавање. Така, Франција добила можност вторпат да го организира првенството (првиот бил во 1938 година), а по деветти пат тој се одржал во Европа. Ова било првото Светско првенство што се одржало под претседателство на Сеп Блатер. Со времетраење од 32 дена, ова бил најдолгиот мундијал во историјата.
Светско првенство во фудбал 1998 Coupe du Monde - France 98 | |
---|---|
Официјално лого | |
Податоци за првенството | |
Земја | Франција |
Екипи | 32 |
Финални резултати | |
Прво место | Франција (1. титула ) |
Второ место | Бразил |
Трето место | Хрватска |
Четврто место | Холандија |
Статистики на првенството | |
Број на натпревари | 64 |
Постигнати голови | 169 (2.64 по натпревар) |
Гледачи | 2.784.687 (43.511 по натпревар) |
Голгетер | Давор Шукер (6 гола) |
Најдобар играч | Роналдо |
Најдобар млад играч | Мајкл Овен |
Најдобар голман | Фабиен Бартез |
Фер плеј награда | Англија Франција |
← 1994 2002 → |
Квалификациите започнале во март 1996 и завршиле во ноември 1997. Ова првенство било првото на кое групната фаза била проширена од 24 на 32 екипи, со осум групи од по четири екипи. Вкупниот број натпревари на турнирот биле 64, кои се одиграле на 10 стадиони во 10 градови домаќини, а воведниот и завршниот натпревар биле одиграни на новоизградениот Стад де Франс, во Сен Дени.
Титулата на ова првенство му припаднала на домаќинот, репрезентацијата на Франција, која во финалето го победила Бразил со резултат 3-0. Тоа била прва титула за Франција, со што тие станале седма земја која триумфирала на Светското првенство во фудбал и шестата нација на која тоа и успеало на домашно тло (по Уругвај, Италија, Англија, Западна Германија и Аргентина).