Антарктикот во Втората светска војна
From Wikipedia, the free encyclopedia
Антарктикот во Втората светска војна — меѓународен натпревар кој се проширил на континентот Антарктик во текот на Втора светска војна, иако во регионот немало борби. За време на увертирата на војната, Нацистичка Германија ја организирала Третата германска антарктичка експедиција во 1938 година за да ги спречи аспирациите на Норвешка кон Земјата на Кралицата Мод.[1] Експедицијата послужила како основа за новото германско барање, наречено Нова Швабија.[2] Една година подоцна, Американската антарктичка експедиција основала две бази, кои работеле две години пред да бидат напуштени.[3] Одговарајќи на овие навлегувања и искористувајќи ги воените превирања во Европа, блиските нации Чиле и Аргентина поднеле свои претензии. Во 1940 година Чиле ја прогласила Чилеанската Антарктичка територија како своја област, за која веќе имала право и Британија, додека Аргентина го прогласил Аргентински Антарктик во 1943 година.
Како одговор на активностите на Германија, Чиле, Аргентина и САД, и Британија ја започнала операцијата „Табарин“ во 1943 година. Нејзината цел била да воспостави постојано присуство и да го потврди барањето на Велика Британија за зависност на Фолкландските Острови,[4] како и да ја одбие употребата на областа на Кригсмарине, за кој бил познат по тоа што ги користел оддалечените острови како точки на рандеву. Постоел и страв дека Јапонија може да се обиде да ги заземе Фолкландските Острови. Експедицијата под поручникот Џејмс Мар [5] ги напуштила Фолкландските Острови на 29 јануари 1944 година. Биле воспоставени бази на островот Дисепшен, брегот на Греамова Земја и во Хоуповиот Залив. Истражувањето започнато со операцијата „Табарин“ продолжило во следните години, и на крајот станало познато како Британско антарктичко истражување.[6]
Во повоениот период, конкуренцијата продолжила меѓу силите баратели на Антарктикот, како и САД и Советскиот Сојуз. Во доцните 1950-ти, овој натпревар отстапил место на меѓународната рамка за соработка со Меѓународната геофизичка година и Антарктичкиот договор.