Арлекин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Арлекин (италијански: Arlecchino; француски: Arlequin; старофранцуски: Harlequin) — најпознат „цани“ (комичен слуга) од италијанската Комедија дел арте. Улогата се верува дека била воведена од страна на Цан Ганаса на крајот од 16 век,[1] но истата била популаризирана од страна на италијанскиот глумец Тристано Мартинели во Париз во периодот од 1584-1585 година,[2] и станала типски лик по смртта на Мартинели во 1630 година.
Арлекин е препознатлив по карираниот костум. Неговата улога опишува весел, досетлив и итар слуга, кој често настојува да ги спречи намерите на неговиот господар и се обидува да ја заведе својата љубена Коломбина преку духовитост и снаодливост, често борејќи се за неа со суровиот и меланхоличен Пјеро. Неговиот лик подоцна прераснал во прототип на романтичен херој. Арлекин ги наследил својата физичка пргавост, измамнички способности и име од злонамерниот ѓавол во средновековните претстави за Исусовите страдања.
Ликот на Арлекин се појавил во Англија во почетокот на 17 век и заземал главна улога во изведениот жанр Арлекинада, воведен од страна на Џон Рич во почетокот на 18 век.[3] Со развојот на жанрот Арлекинада како вид на пантомима, ликот на Арлекин бил поврзуван со ликот на Кловн. Околу 1800 година, англискиот глумец Џозеф Грималди од ликот на Кловн направил груба претстава за попрефинетиот лик на Арлекин, кој станал повеќе од романтичен лик. Највлијателна двојка која ги толкувала ликовите на Арлекин и Кловн во Викторијанската епоха биле браќата Пејн, кои биле активни во текот на 1860-тите и 1870-тите години.