Димитар Миладинов
македонски писател и фолклорист / From Wikipedia, the free encyclopedia
Димитар Миладинов (Струга, 1810 - Цариград, денешен Истанбул, 1862 ) — македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист, собирач на народни умотворби, основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против денационализаторството, пенхелизмот и политиката на грчката влада на македонските подрачја.
Димитар Миладинов | |
---|---|
Роден/а | 1810
Струга, Македонија) |
Починат/а | 23 јануари 1862
Цариград, Отоманско Царство |
Занимање | славист, публицист и учител |
Образование | основно училиште во Струга, а подоцна гимназија во Јанина, Грција. |
Период | 19 век |
Жанр | Преродба |
Предмет | преродбеник и собирач на народни умотворби |
Книжевно движење | Романтизам |
Значајни дела | Зборникот на Миладиновци |
Димитар Миладинов имал важна улога во борбата против грчката пропаганда во Македонија, иако самиот бил човек со висока грчка култура и образование. Во својата антихеленистичка пропаганда, Миладинов се служел со сите достапни средства, со образованието, воведувањето народни говори во наставната практика, со едукацијата на домашниот млад учителски кадар, со обемна кореспонденција во која настојувал да објасни и да извести важни луѓе на своето време за она што се случувало во моментот на македонски терен и што треба да се направи[1]. Димитар Миладинов добивал финансиска поддршка од монасите во светогорскиот манастир Зограф за неговата борба против хелинизмот. Познато е неговото пријателство со монасите Анатолиј и Партенија Зографски, кои исто така со лично залагање придонесувале во борбата против хеленизмот, како и игуменот Иларион, Натанаил Кучевишки и други угледни монаси.