Дорски ред
From Wikipedia, the free encyclopedia
Дорски ред или дорски стил — еден од трите реда на организацискиот систем на класичната архитектура. Другите два реда се јонски и коринтски. Во античката грчка архитектура, двата основни реда се дорски и јонски, додека коринтскиот е изведен од јонскиот.[1] Постојат и два пониски реда, подебелиот тоскански ред и побогатата коринтска варијанта, сложениот ред. Постојат неколку верзии на дорски ред, од кои прва и најстара е грчкиот дорски ред од 7 век пр.н.е. Друга добро позната верзија е римскиот дорски ред.
Во својата оригинална верзија, грчките дорски столбови стојат директно на рамната основа на столбот (стилобат) на храмот без посебна платформа. Трупот на столбот е канелурисан и завршува вертикално со капител без орнаменти. Капиталот се состои од два дела: првиот, кој се протега од трупот нагоре, ехинус (во облик на перниче) и квадратна плоча наречена абакус што го носи главниот венец.
Нагласени особини и на грчката и на римската верзија на дорскиот ред се триглифите и метопите. Триглифите се украсни вдлабнатини поставени за да го претстават работ на традиционалната дрвена греда што седи на едноставен фриз кој е долниот дел од главниот венец. Под секој триглиф има стилизирани тркалезни клинови кои изгледаат како да се заковани за да го стабилизираат потпорниот систем на столбот и гредата. Триглифите се центрирани над секој столб и со уште еден, а понекогаш и два меѓу столбовите. Просторот помеѓу триглифите се метопи кои понекогаш се едноставни, а понекогаш помалку извајани. Растојанијата меѓу столбовите обично се постигнуваат со пропорционални и модуларни мерки, иако двете надворешни растојанија меѓу столбовите обично се помали за да им дадат поголема визуелна моќ на аглите на храмот.
Римскиот дорски ред се разликува по тоа што висината на главниот венец е намалена. Триглифите на краевите на главниот венец се центрирани со столбот, а не на аголот на архитравот како во грчката верзија, така што столбовите се пропорционално малку витки. Под капителот, астрагална профилација го опкружува столбот како прстен. Крунската профилација има помазни премини помеѓу фризот и венецот и на тој начин го нагласува горниот раб на абакусот. Римскиот дорски ред исто така има профилација на платформата која инаку е во облик на квадрат, а понекогаш е издигната на плинта. Исто така, римските дорски столбови се рамномерно канелурани.
Еден од најпознатите храмови од дорскиот ред е грчкиот Партенон изграден во 5 век пр.н.е.