Информациска РНК
From Wikipedia, the free encyclopedia
Информациската РНК (информациска рибонуклеинска киселина, иРНК) опфаќа голема фамилија на РНК молекули кои служат за пренос на генетски информации од ДНК до рибозомот, каде тие ја специфицираат аминокиселинската низа на белковините кои се синтетизираат и кои се производ на генската експресија.[1] Информациската РНК е синтетизирана од ензимот РНК-полимераза во тек на процесот на транскрипција, при што најпрво се создава т.н. примарен транскрипт (познат и како пре-иРНК), кој потоа подлежи на преработка за да ја даде зрелата иРНК. Само зрелата иРНК може потоа да биде вклучена во процесот на транслација, каде ќе биде користена како шаблон за синтеза на аминокиселински полимер, т.е. белковина.
Како и кај ДНК, генетската информација кај иРНК е запишана во низата на нуклеотидите, кои се поредени во кодони, кои се состојат од три последователни азотни бази. Секој кодон кодира за одредена аминокиселина, освен стоп-кодоните кои ја терминираат (завршуваат) синтезата на белковината. Овој процес на транслација (превод) на кодоните во аминокиселини вклучува уште два други типа на РНК молекули: транспортна РНК (тРНК), која е носител на соодветните аминокиселини и препознавач на кодоните на иРНК преку своите антикодони, и рибозомната РНК (рРНК) која е главната структурна и функционална компонента на рибозомот.[1]
Постоењето на иРНК за првпат било предложено од Жак Моно и Франсоа Жакоб, а потоа била откриена од Жакоб, Сидни Бренер и Метју Меселсон, при Калифорнискиот технолошки институт во 1961 година.[2]