Клод Анри де Сен-Симон
From Wikipedia, the free encyclopedia
Клод Анри де Руврој, гроф Сен-Симон, познат како Анри де Сен-Симон (француски: [ɑ̃ʁi də sɛ̃ simɔ̃]; 17 октомври 1760 – 19 мај 1825), бил политички, економски и општествен теоретичар и трговец од Франција, кој имал значајно влијание врз политиката, економијата, социологијата и филозофијата на науката.
Анри де Сен-Симон | |
---|---|
Роден(а) | Клод Анри де Руврој, гроф Сен-Симон 17 октомври 1760(1760-10-17) Париз, Франција |
Починал(а) | 19 мај 1825(1825-05-19) (возр. 64) Париз, Франција |
Период | филозофија |
Подрачје | западна филозофија |
Школа | сенсимонизам социјализам утописки социјализам |
Претежна дејност | политичка филозофија |
Влијаел врз
| |
Сен-Симон е творец на политичка и економска идеологија позната како сенсимонизам според која потребите на индустриската класа, која истовремено ја нарекувал и работничка класа, треба да бидат признаени и исполнети за да има успешно општество и ефикасна економија.[10] За разлика од концепциите во рамки на индустријализираните општества, каде за работничка класа биле сметани луѓето кои се занимаваат исклучиво со мануелна работа, Сенсимоновата концепција за оваа класа од доцниот XVIII век ги вклучувала сите оние кои се занимавале со продуктивна работа полезна за општеството, како трговци, управители, научници и банкари, покрај мануелните работници[11].
Сен-Симон сметал дека главната закана за потребите на индустриската класа била друга класа, која тој ја именувал како безработна класа, која ги вклучувала сите оние што претпочитале да паразитираат на трудот на другите, избегнувајќи да се занимаваат со работа самите [12]. Сен-Симон ја нагласувал потребата за признавање на заслугите на поединецот и потребата од хиерархија на заслугите во општеството и економијата, како на пример, општеството да има хиерархиски поставени организации на менаџери и научници засновани на заслуги кои би ги носеле државните одлуки [13]. Сен-Симон силно го критикувал ширењето на сферите на интервенција на државата во економијата, надвор од отстранување на пречките за продуктивна работа, сметајќи ги овие интервенции за премногу наметливи [12].
Признавањето на социо-економскиот придонес на Сен-Симон, како и неговото просветителско валоризирање на научното знаење, набрзо го инспирирало и извршило влијание врз претставникот на утопискиот социјализам и либерализам, политичкиот теоретичар Џон Стјуарт Мил [14], врз анархизмот преку негиовиот основач Пјер-Жозеф Прудон, кој бил инспириран од идеите на Сен-Симон [15] и марксизмот, чии претставници Карл Маркс и Фридрих Енгелс го издвоиле Сен-Симон како инспирација за нивните идеи, сместувајќи го во групата на социјал-утописти.[14] Идеите и учењата на Сен-Симон исто така оствариле влијание врз социологот и економист Торстен Веблен, вклучително и Вебленовата институционална економија застапувана од еминентни економисти.[16]