Лекари без граници
From Wikipedia, the free encyclopedia
Лекари без граници (француски: Médecins sans frontières, англиски: Doctors Without Borders) — меѓународна, хуманитарна, невладина организација која им овозможува медицинска помош на жртвите на војни, епидемија или природни и вештачки катастрофи. Освен тоа, таа им нуди помош на сите оние на кои медицинската помош им е ускратена или тешко достапна поради географската оддалеченост, сиромаштијата или етничка, политичка и која било друга маргинализација. Познати се по своите проекти во земји, во кои се водат војни и во земји во развој, кои се соочуваат со ендемски заболувања.
Лекари без граници | |
---|---|
Основана | 1971 |
Седиште | Женева, Швајцарија |
Организацијата ја основале група француски лекари на 20 декември 1971 година. Ширум светот е позната под своето име на француски јазик, Médecins sans frontières или скратено — MSF. Седиштето на организацијата се наоѓа во Женева, а во 20 држави постојат нејзини претставништва.[1]
Секоја година околу 3000 лекари, медицински сестри, санитарни стручњаци и други медицински и немедицински лица одат на различни задачи ширум светот. Од друга страна пак 1000 луѓе со постојано работно место, работат на ангажирање на доброволци, обезбедување финансиски средства, итн. Приватните дарители обезбедуваат приближно 80 % од финансискиот фонд на организацијата, додека остатокот го донира власта и корпорацијата. На тој начин се формира буџет кој годишно изнесува околу 400 милиони американски долари.[2]
Организацијата „Лекари без граници“ делува во преку 70 земји, каде обезбедуваат примарна здравствена заштита, извршуваат оперативни зафати, го вакцинираат населението, го обучуваат персоналот во болниците и амбулантите, спроведуваат разни санитарни и прехранбени програми, го обучуваат месното население, и сл. Во 1999 година, добиле Нобелова награда за мир,[3][4], а три години порано и Награда за мир во Сеул.[5]