Мерилин Монро
From Wikipedia, the free encyclopedia
Мерилин Монро, родена како Норма Џин Мортенсон[1][2] (на 1 јуни 1926 - 5 август 1962[3]) но крстена и одрасната како Норма Џин Бејкер е американска глумица, пејачка и модел[4]. Откако поминала голем дел од своето детство во згрижувачки семејства, Монро ја започала својата кариера како модел, по што, во 1946 година, го склучила својот прв филмски договор. Нејзините рани улоги биле мали, но нејзините изведби во Џунгла на асфалтот и Сѐ за Ева (двата во 1950) биле добро примени. До 1953 година, напредокот во кариерата на Монро ѝ обезбедил главни улоги. Нејзиниот лик на „глупава русокоса“ бил искористен за комичен ефект во филмовите Мажите повеќе сакаат русокоси (1953), Како да се омажиш за милионер (1953) и Седум години верност (1955). Ограничена од изборот на улогите, Монро студирала во Глумечкото студио со цел да го прошири својот глумечки опсег, па нејзината драматична изведба во Автобуска станица (1956) била поздравена од критичарите и таа добила номинација за „Златен глобус“. Нејзината продуцентска куќа, Мерилин Монро Продукција, го снимила филмот Принцот и танчерката (1957), за кој таа добила номинација за наградата на БАФТА и ја освоила наградата „Давид ди Донатело“. Со „Златен глобус“, Монро се закитила за својата изведба во Некои го сакаат тоа жешко (1959).
Мерилин Монро | |
---|---|
Монро во промотивна поза од 1953 година. | |
Роден(а) | Норма Џин Мортенсон |
Други имиња | Норма Џин Бејкер |
Активен | 1947-1962 |
Висина | 1.66 м (5 ст 5 ин) |
Сопружник | Џејмс Доерти (1942-1946) Џо Димаџо (1954) Артур Милер (1956-1961) |
Последните години од животот на Монро биле обележани со болести, лични проблеми и репутација на несигурна личност, тешка за соработка. Околностите за нејзината смрт, од предозираност од барбитурати, се предмет на истрага. Иако официјално се смета за „веројатно самоубиство“, не се исклучени ниту можностите дека се работи за случајно предозирање или за убиство. Во 1999 година, Американскиот филмски институт ја прогласил Мерилин Монро за шеста најголема филмска ѕвезда во историјата на филмот. По нејзината смрт, Монро често е наведувана како поп-културна икона, а исто така и како американски секс симбол. Во 2013 година, Монро била посмртно избрана за новото заштитно лице на познатиот парфем „Шанел 5“.[5][6][7][8]