Монохибридно вкрстување
From Wikipedia, the free encyclopedia
Монохибридно вкрстување е метод на проучување една наследна особина помеѓу два различни поединечни организми. Грегор Мендел, кој се смета за татко на класичната генетика прв успешно го изведува овој метод, проучувајќи кај грашокот седум пара наследно стабилни белези кои претставуваат чисти линии.
Мендел го набљудувал и проучувал наследувањето на обликот на семето преку крстосување на растенија од генерација која тој ја нарекол родителска или парентална генерација (Р) кои даваат мазни семиња и растенија кои даваат збрчкани семиња. Кај потомството на овие растенија сите растенија што ги добил биле со мазно семе и таа генерација ја нарекол прва филијална генерација (F1). Со вкрстување на растенија од F1 генерацијата ја добил следната, F2 генерација во која се јавиле растенија и со мазни и со збрчкани семиња во броен однос 3 : 1 (имало трипати повеќе растенија со мазно отколку со збрчкано семе).
Врз основа на овој експеримент, Мендел заклучил дека особините се контролирани од одредени наследни фактори (честички или партикули). Со големо А го обележал факторот кој ги одредува мазните зрна, а со мало а оној кој ги одредува збрчканите зрна. Кога овие два фактора ќе се најдат заедно (Аа) во едно растеније тогаш највеќе дејствува факторот (А), со што Мендел го нарекол доминантен. Другиот фактор (а) кој не дошол до израз во F1 генерацијата го нарекол рецесивен. При настанувањето на F2 генерацијата фактори се одвојуваат еден од друг (поради образувањето на гамети), а потоа слободно се комбинираат со факторите од другата единка (односно со нејзините гамети). Така што во F2 генерацијата може да се добијат само четири комбинации од овие фактори: АА, Аа, аА и аа. Првите три комбинации, поради присуството на доминантниот фактор даваат мазно семе, а само една од комбинациите (аа) дава збрчкано семе (со што односот 3 : 1 е потврден).
Во F2 генерацијата Мендел добил 5474 мазни семиња, а 1850 збрчакни семиња, што го дава односот 2,96 : 1, или заокружено 3 : 1.