Нивелир
From Wikipedia, the free encyclopedia
Нивелир — основен мерен инструмент за мерење на висински разлики кај геодетските мерења. Основниот принцип се заснова на делувањето на силата на Земјината тежа, односно доведување на визурната оска на дурбинот во хоризонтална положба. Тоа се постигнува со примена на либела или компензатор. Со користење на нивелир, висинските разлики се добиваат од директни мерења. Нивелманската летва треба да биде вертикално поставена во просторот, што се постигнува со кружната либела.
На долниот дел на нивелирот се наоѓаат три подножни винта кои служат за хоризонтирање на инструментот. Горниот дел се врти околу главната (вертикалната) оска, а воедно е и носач на дурбинот. Главната оска мора да осигура стабилност на инструментот и многу правилно завртување на останатите подвижни делови, што изискува посебен квалитет на материјалот и прецизна изработка. [1]