Паленке
From Wikipedia, the free encyclopedia
Паленке (мајански: Bàak) — еден од најмоќните мајански градови и религиозни центри кој својот подем го забележал во VII век. Денес Паленке е значајно археолошко наоѓалиште во Мексико и еден од важните извори за проучување на преколумбовската мајанска цивилизација. По својот пад, градот бил проголтан од џунглата, но својот сјај повторно бил достапен за светската јавност по неговото откривање и реставрирање. Наоѓалиштето лежи во близина на реката Усумакинта во мексиканската сојузна држава Чијапас, околу 130 километри јужно од градот Кармен, на надморска височина од 150 метри.
светско наследство на УНЕСКО | |
---|---|
Критериум | културен: i, ii, iii, iv |
Навод | 411 |
Запис | 1987 (11. заседание) |
Паленке бил град со средна големина, многу помал од останатите големи мајански градови Тикал или Копан. Сепак, и покрај големината, Паленке е дом на една од најдобрата мајанска архитектура вклучивајќи и скулптури, камени резби и украсни архитектонски елементи. Голем дел од историјата на Паленке била реконструирана со помош на хиероглифите кои се наоѓаат испишани на спомениците и градбите и денес историчарите имаат подетални информации за династиите кои владееле со градот во VII век, како и информации за соперниците на градот како што се Калакмул и Тонина. Најпознат владетел со Паленке бил Пакал Велики, чиј гроб бил пронајден и ископан во храмот со натписите.