Потсдамска конференција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Потсдамската конференција (германски: Potsdamer Konferenz) се одржала од 17 јули до 2 август 1945 во Потсдам, Германија, а нејзина главна цел била трите главни челници на сојузничките сили во Втората светска војна да го испланираат повоениот мир, а притоа да се избегнaт грешките од Париската мировна конференција од 1919 година. На конференцијата учествувале Советскиот Сојуз, Обединетото Кралство и САД, а биле претставени (соодветно) од генералниот секретар Јосиф Сталин, премиерите Винстон Черчил и Клемент Атли и претседателот Хари Труман. Се собрале да одлучат како да управуваат со Германија, која девет недели претходно безусловно капитулирала. На конференцијата требало да се воспостави новиот светски повоен поредок, да се надминат спорните прашања од мировниот договор и да се одредат начини за надминување на негативните ефекти од војната.
"Големата тројка" на Потсдамската конференција, Винстон Черчил, Хари Труман и Јосиф Сталин | |
Потпишан | 17 јули – 2 август 1945 |
---|
Од 17 јули до 25 јули биле одржани девет состаноци, а потоа Конференцијата била прекината на два дена, додека се чекало да се објават резултатите од британските општи избори. На изборите Етли го победил Черчил и го заменил како претставник на Велика Британија. За време на Конференцијата, Труман бил тајно бил информиран дека пробата на првата атомска бомба (Тринити) завршила успешно на 16 јули. Тој на Сталин му навестил дека САД ќе употребат нов вид оружје против Јапонците. Иако ова бил првпат официјално да им се дадат информации на Советите за атомската бомба, Сталин веќе знаел за проектот преку информациите прибрани со шпионажа.[2]
Клучните одлуки на оваа конференција се: Германија да биде поделена на четири окупациски зони (меѓу трите сили и Франција); Германската граница требало да се помести на запад кон линијата Одер-Најсе; како легитимна влада на Полска се признава групата поддржана од Советскиот Сојуз; а Виетнам требало да биде поделен кај 16-та паралела. Советите го потврдиле своето ветување од Јалта дека веднаш ќе започнат инвазија на областите под контрола на Јапонија.[3]
Биле разменети мислења и за многу други прашања. Сепак, разгледувањето на тие прашања било ставено во надлежност на Советот на министри за надворешни работи, кој бил формиран на оваа конференција. Конференцијата завршила со зближивање меѓу трите влади како последица на нивната соработка, што ја обновила довербата дека заедно со другите Обединети нации ќе овозможат праведен и траен мир. Сепак, за 18 месеци односите се влошиле и започнала Студената војна.[4][5]