Рак на белите дробови
From Wikipedia, the free encyclopedia
Рак на бели дробови е болест карактеризирана со неконтролиран клеточен раст во ткивата на белиот дроб. Ако се остави без лекување, овој раст може да се прошири надвор од белите дробови во други делови од телото, преку процес којшто се нарекува метастазирање. Повеќето ракови кои почнуваат во белите дробови, наречени примарни белодробни тумори, се карциноми кои потекнуваат од епителни клетки. Главната поделба на белодробниот карцином е на ситноклеточен белодробен карцином (англиски: small cell lung carcinoma) и неситноклеточен белодробен карцином (non-small cell lung carcinoma).[3] Најчестата причина за белодробен рак е долготрајно пушење тутун.[7] Непушачите заземаат 15% од случаите со рак,[10] а во овие случаи болеста често се препишува на комбинација од генетски фактори,[11] изложеност на радон,[11] азбест[5] и загадување на воздухот,[11] вклучувајќи и пасивно пушење.[4][12][13]
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Рак на бели дробови | |
---|---|
Рендгенска снимка на која е прикажан тумор на белите дробови (означен со стрелка) | |
Специјалност | Онкологија |
Симптоми | Кашлање (вклучувајќи искашлување на крв), губење на телесна тежина, недостиг на воздух, болка во градите[1] |
Вообичаена појава | ~70 години[2] |
Видови | Ситноклеточен белодробен карцином, неситноклеточен белодробен карцином[3] |
Ризик-фактори | Пушење тутун, генетски фактори, радон, азбест, загадување на воздухот[4][5] |
Дијагностички метод | Медицинско снимање, ткивна биопсија[6][7] |
Третман | Хирургија, хемотерапија, радиотерапија[7] |
Прогноза | Стапка на петгодишно преживување 17.4% (САД)[2] |
Честота | 3.3 милиони заболени (2015)[8] |
Смртни случаи | 1.7 милиони (2015)[9] |
Најчестите симптоми се кашлање (вклучувајќи искашлување на крв), губење на телесна тежина и недостиг на воздух.[1] Ракот на белите дробови може да се види на градна радиографија и компјутеризирана томографија. Дијагнозата се потврдува со биопсија.[6] Таа вообичаено се извршува преку бронхоскопија или преку биопсија водена од компјутеризирана томографија. Лекувањето и прогнозата зависат од хистолошкиот вид на рак, стадиумот (степен на ширење) и општата состојба на пациентот. Во вообичаените форми на лекување се вклучени хируршка операција, хемотерапија и радиотерапија. Крупноклеточниот карцином понекогаш се лекува со операција, додека ситноклеточниот обично подобро реагира на хемотерапија и радиотерапија.[14]
Ширум светот, белодробниот рак е најчестата причина за канцер-асоцирана смртност меѓу мажите и жените и е одговорна за 1,38 милиони смртни случаи годишно од 2008 година.[15] Севкупно, 17.4% од луѓето во САД дијагностицирани со рак на белите дробови преживуваат пет години по дијагнозата,[2] додека во земјите во развој исходот во просек е полош.[16]