Алотропија
разни облици на еден ист хемиски елемент / From Wikipedia, the free encyclopedia
Алотропија (од старогрчки: 'ἄλλος' (алос) „друг“ и τρόπος (тропос) „начин, облик“) — својство на некои хемиски елементи да се јавуваат во повеќе облици на истата состојба[1]. Тие се наречени алотропски модификации или алотропи[2] каде атомите на елементот се врзани на различен начин. На пример, алотропски модификации на јаглеродот се дијамантот (каде јаглеродните атоми се врзани во тетраедарска решетка), графит (врзани во листови на шестаголна решетка), графенот (единечни графитни листови) и фулерени (врзани во топчести, цевчести или елипсоидни строеви).
Поимот алотропија се користи само за елементи, а не за соединенија. Поопштиот поим за секое соединение е полиморфизам, иако употребата е ограничена на цврсти материјали како кристали. Алотропијата се однесува само на различните облици на еден елемент во иста фаза (состојба на материјата — цврста, течна или гасовита). Самата разлика во состојбите на материите не сочинува алотропија. Алотропските модификации на хемиските елементи често се нарекуваат полиморфи или фази на елементот.
Кај некои елементи, алотропските модификации имаат различни молекулски формули или кристални структури, како и разлики во физичката фаза; на пример, алотропските модификации на кислородот (дикислород, O2 и озон, O3) можат да се јават во цврста, течна и гасовита состојба. Други елементи немаат одделни алотропски модификации во различни фази; на пример, фосфорот има бројни цврсти алотропски модификации, и сите тие се сведуваат на истиот облик P4 кога ќе сте стопат во течна состојба.