Внатрешна македонска револуционерна организација (Автономистичка)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) — македонска револуционерна организација која постоела во периодот меѓу 1919–1934 година. По завршувањето на Првата светска војна започнало политичко групирање и организирање на македонската емиграција во Бугарија. Отука, кон крајот на 1919 година била формирана ВМРО, со Централен комитет: Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Главна цел на оваа организација била автономијата или независна Македонија, односно создавање на самостојна македонска држава.[1]
Кокарда на ВМРО | |
Функционира | 1919–1934 |
Водач | Тодор Александров Александар Протогеров Петар Чаулев Иван Михајлов |
Цели | Независна Македонија |
Подрачја | Пиринска Македонија Вардарска Македонија Егејска Македонија Бугарија Европа |
Поважни дела | Мајски манифест |
Поголеми напади | Атентат врз Ѓорче Петров Атентат врз Александар Стамболиски Кадрифаковски масакр Горноџумајски случувања Атентат врз Димо Хаџи Димов Атентат врз Велимир Прелиќ Марсејски атентат |
Статус | расформирана |
По потпишувањето на Нишката спогодба помеѓу Кралството СХС и Бугарија во март 1923 година, ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски. Во втората половина на 1923 година биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот Сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско револуционерно ослободително движење. Притоа Тодор Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.
Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација [2] на ЦК на ВМРО и на Мајскиот манифест [3] од страна на Александров, Протогеров и Чаулев. Под притисок на бугарската влада, првите двајца со Декларација на ЦК на ВМРО јавно се откажале од своите потписи. Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година од припадници на ВМРО, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Александров биле обвинети конкурентните организации од македонската емиграција.
За две години по настаните во Горна Џумаја (12. IX. 1924 г.), ВМРО убила редица истакнати македонски интелектуталци и револуционери, идејни противници како Димо Хаџи Димов, Арсени Јовков, Тодор Чопов и др. По наредба на Михајлов бил убиен и Александар Протогеров (7. VI. 1928 год), а ВМРО се поделила на Михајловисти и Протогеровисти и дошло до нивно меѓусебно физичко пресметувње. На VII конгрес на ВМРО (21. VI. 1928 г.) Михајлов официјално го презел раководењето.
Во програмската определба на ВМРО на Михајлов поимот автономна бил заменет со поимот независна Македонија во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава.
Во април 1929 г. Македонскиот национален комитет контролиран од Михајлов и хрватските претставници потпишале Декларација за соработка и создавање Независна Држава Хрватска и Независна Македонија, како втора бугарска држава. По воениот удар од 19 мај 1934 година новата влада на чело со Кимон Георгиев распуштила Собранието и забрануила политичките партии, вклучувајќи го и ВМРО. Потоа, под водство на Михајлов, таа продолжила да дејствува во странство. На 9. X 1934 година, со заедничка акција на хрватските и македонски сили, бил извршен атентат врз кралот на Југославија, Александар I Караѓорѓевиќ. Се поврзала со нацистичките и профашистичките сили на Германија, Италија, Унгарија и Хрватска, со кои соработувала до крајот на Втората светска војна [4].