Гласовни промени во македонскиот јазик
From Wikipedia, the free encyclopedia
Гласовна промена претставува промена на еден или повеќе гласови во друг. Ваквите промени на гласовите не се случајни и произволни, туку се случуваат во определени услови и според извесни правила (законитости) во говорот. Тие произлегуваат, пред сѐ, од тоа што гласовите се изговараат поединечно, отколку кога се во говорната низа. При изговорот на два соседни гласа настанува приспособување на артикулацијата на гласовите, со што се олеснува изговорот, а се штеди и времето.
Покрај стремежот за полесен, за поудобен изговор, како една од најважните и најчестите причини за промените, тие можат да се јавуваат и како резултат на: внатрешен развој на јазикот, влијанието од други јазици, генерациските разлики, брзината на зборување итн.
Некои гласовни промени се јавуваат само во определен временски период, други не се ограничени ниту временски ниту просторни — ги имало порано, ги има сега, а ќе ги има и во иднина. Во определено време обично се јавуваат спонтаните гласовни промени, а условените промени постојат многу долго време.
Во покарактеристичните гласовни промени се вбројуваат:
- едначењето по звучност;
- обезвучувањето на звучните согласки на крајот од зборот;
- редувањето на самогласките и согласките;
- испуштањето на самогласките и согласките;
- преместувањето;
- вметнувањето и други.