Големата депресија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Големата криза — драматичен светски економски пад што ги зафатил речиси сите западноевропски и северноамерикански држави. Почетокот на Големата криза се поврзува со падот на берзата во Њујорк на 29 октомври 1929 година, познат како Црн вторник. Кризата имала уништувачки ефекти и во индустриските земји како и во оние кои извезувале суровини за нив. Меѓународната трговија стрмоглаво опаднала, како и личните примања, даночните приходи, цените и профитот. Големите градови низ целиот свет биле особено погодени, особено оние со развиена тешка индустрија. Градежништвото речиси запрело во многу земји. Земјоделството настрадало поради падот на цените на производите од 40%-60%. Соочувајќи се со опаѓачка побарувачка и без многу алтернативни извори на работа, областите на примарната индустрија (земјоделство, рударство, шумарство и сл.) настрадале исто така.
Големата криза завршила во различни земји во различно време: дното на кризата било во раните 1930-ти, а опоравувањето почнало да се чувствува после 1935, а некаде и подоцна. Во многу земји биле развиени државни програми за помош, а речиси во сите земји настанале политички пресврти како резултат на општото незадоволство. Очајните граѓани често се свртувале кон радикалните политички опции - леви или десни, и национални демагози како што биле Адолф Хитлер во Германија и Бенито Мусолини во Италија, што било и вовед во Втората светска војна во 1939.