Прекуморски департмани и региони на Франција
From Wikipedia, the free encyclopedia
Прекуморски департмани и региони на Франција (француски: département et régions d’outre-mer или DROM) — департмани сместени вон европскиот дел на државата наречен континентална или метрополитенска Франција. Носат речиси ист политички статус како континенталните департмани, но имаат нешто поголем степен на автономија и не се вбројуваат во некои домашни статистики, како што е стапката на невработеност.
Како составен дел од Франција и Европската Унија, прекуморските департмани се застапени во Националното собрание, Сенатот и Економско-социјалниот совет, гласаат за претставници во Европскиот парламент и го користат еврото како своја валута.
Овие единици се разликуваат од прекуморските заедници, кои уживаат полуавтономија.
Секој прекуморски департман е единствен во свој сопствен прекуморски регион (région d'outre-mer) чии надлежности се истовени на регионите во Метрополска Франција. Поради ова целосно совпаѓање, овие две единици не се разликуваат во неслужбена употреба, па така француските медиуми речиси без исклучок го користат поимот „прекуморски департмани“ (département d’outre-mer или DOM).
Почнувајќи од март 2011 г. петте прекуморски департмани и региони на Франција се следниве:
- Француска Гвајана во Јужна Америка;
- Гваделуп и Мартиник во Карибите;
- Мајот и Реинион во Индискиот Океан, во водите околу Африка
Гваделуп и Реинион имаат посебни департмански и регионални совети, додека пак Мајот, Гвајана и Мартиник истите се споени во еден совет. Прекуморските департмани се стекнале со овие права со децентрализацијата од 1982 г. според која ним им следуваат регионални совети избрани со гласање, како и други регионални надлежности; меѓутоа, поимот „прекуморски регион“ влегол во службена употреба дури со уставниот амандман од 28 март 2003 г.