Средновековна Романија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Средновековна Романија — историја на Романија во текот на средниот век. Средновековната историја на Романија започнува со повлекувањето на Монголците, последното население што мигрирало поради напади и освојување на територијата на денешна Романија во 1241/1242 година. Трите територии кои денеска ја сочинуваат Романија (Влашка, Молдавија и Трансилванија) биле обединети во времето на Михаил Храбриот (1593 — 1601).
Во поголемиот дел од овој период, Банат, Кришана, Мармарош и Трансилванија — денес региони во Романија западно од Карпатите, биле дел од Кралство Унгарија. Тие биле поделени во неколку видови административни единици, како окрузи или места. На чело на секој регион се наоѓал кралски официјален претставник наречен војвода. Во кралството, романските селани, како православни, биле ослободени од десетокот, црковен данок што требало да го плаќаат сите римокатолички христијани. Сепак, романските благородници полека ја изгубиле способноста да учествуваат во политичкиот живот, бидејќи монарсите од XIV век воделе погрешна политика. Нивната позиција станала уште полоша по 1437 година, кога била формирана таканаречената Унија на три нации, сојуз на унгарските благородници, Секели и Саксонци, со цел да го уништат Трансилваниското востание.
Влашка, првата независна средновековна држава помеѓу Карпатите и долниот дел на Дунав била создадена кога Басараб I (1310 — 1352) ја прекинал сизаренството на унгарскиот крал со неговата победа во Битката кај Посада во 1330 година. Независноста на Молдавија, на исток од Карпатите, го постигнал Богдан I (1359 — 1365), благородник од Мармарош, кој го предводел револтот против поранешниот владетел кој бил назначен од унгарскиот монарх. Меѓутоа, независноста на двете кнежевства била ретко безбедна, а вазалството кон повеќе држави станало важен аспект на нивната дипломатија. Иако Влашка оддала почит на Отоманското Царство во 1417 година и Молдавија во 1456 година, нивните два средновековни монарси, Мирче Стариот од Влашка (1386 — 1418) и Стефан III од Молдавија (1457 — 1504) спровеле успешни воени операции против Отоманските Турци. Трговијата на двете кнежевства со другите делови на Европа започнала да се намалува по последните децении на XV век. Пред тоа, продажбата на кожи, жито, мед и восок на Светото Римско Царство, Венеција и Полска, како и увозот на свила, оружје и други произведени стоки од овие области, биле широко распространети, но до крајот на XVI век Отоманското Царство станало главен пазар за романските производи.
Трансилванија, заедно со соседните земји, добила статус на автономна држава под османлиски владетел откако централните територии на Кралство Унгарија биле припоени од страна на Османлиите во 1541 година. Падот на царството, исто така, им ја одзело власта на Влашка и Молдавија на нивниот главен сојузник во борбата против Отоманското Царство. Во 1594 година, Михаил Храбриот се приклучил на анти-отоманската алијанса иницирана од папата Климент VIII. По низата победи над Османлиите, тој се сврте кон Трансилванија и Молдавија, каде владееле прополски и проосманлиски кнезови. Тој ја нападнал и окупирал Трансилванија во 1599 година и Молдавија во 1600 година. Иако сојузот на трите земји се распаднал четири месеци подоцна, тој служел како идеал за подоцнежните генерации кои работеле за обединување на териториите што сега ја формираат Романија.