Гравитација
From Wikipedia, the free encyclopedia
Гравитација (англиски: gravity) или тежа — природна појава која им дава тежина на предметите.[1] Уште една дефиниција за гравитацијата е дека таа е привлечна сила помеѓу две тела. Во секојдневниот живот, привлекувањето поради гравитацијата е резултат на постоењето на релативно големи тела, како што се Земјата и Месечината. Гравитацијата не само што предизвикува привлекување кон релативно големите тела, туку влијае и на површината на небесните објекти, предизвикувајќи плими, земјотреси, па дури и вулкански ерупции, како што е примерот со Ија — најблискиот сателит на Јупитер. Гравитацијата е единствената сила способна да предизвика формирање на планети, ѕвезди и галаксии. Таа е и причината поради која небесните тела се движат по предвидливи патеки.
Поимите за гравитацијата за првпат во науката ги вовел Галилео Галилеј во 16-17 век. Со познатиот експеримент со фрлање на топчиња со различни тежини од кулата во Пиза, докажал дека гравитацијата подеднакво ги забрзува предметите. Галилео докажал дека веројатно отпорот на воздухот, а не гравитациската сила како што претходно сметал Аристотел, е причината што полесните објекти паѓаат побавно.[2][3]
Во 1687 година, Исак Њутн заклучил дека гравитациската сила е правопропорционална со масите на телата, а обратнопропорционално со квадратот од растојанието помеѓу центрите на телата, и тоа го потврдил со експеримент. Теоријата на Њутн доживеала голем успех кога преку неа било предвидено постоењето на Нептун врз основа на движењата на Уран кои не можеле да се припишат на влијанието на другите тогаш познати небесни тела.
Во 1915 година, Ајнштајн во „Општата теорија на релативноста“ ги припишал ефектите на гравитацијата на закривување на време-просторот, наместо на некаква механичка сила. Според општата теорија на релативноста, слободното паѓање на едно тело е всушност инерцијално движење на објектот, во однос на статичниот набљудувач на Земјата.[4][5] Во Њутновата физика, вакво забрзување не може да настане, освен под дејство на механичка сила.
Ајнштајн предложил дека простор-времето е закривено од самата материја, и дека предметите при слободно паѓање всушност се движат по локално прави патеки во закривениот простор-време. Ајнштајн ги открил и равенките за полето на општата релативност, кои го поврзуваат присуството на материјата со закривеноста на простор-времето. Равенките за поле на Ајнштајн се систем од 10 нелинеарни диференцијални равенки. Нивното решение се компонентите на геометријата на простор-времето, и патеките на движење на инерцијалните објекти се пресметуваат од тука. Ајнштајновата теорија, иако попрецизна, е многу сложена; поради тоа во пракса сѐ уште многу почесто се користат Њутновите закони.