Зинедин Зидан
From Wikipedia, the free encyclopedia
Зинедин Јазид Зидан (роден на 23 јули 1972 година, во Марсеј), e француски фудбалски тренер и поранешен играч од средниот ред. Моментално ја води екипата на Реал Мадрид.
Зинедин Зидан | |||
---|---|---|---|
Лични податоци | |||
Роден на | 23 јули 1972(1972-07-23) (51 г.) | ||
Роден во | Марсеј, Франција | ||
Држава | Франција | ||
Висина | &100000000000001850000001,85 м | ||
Играчки податоци | |||
Позиција | среден ред | ||
Сегашен клуб | Реал Мадрид (тренер) | ||
Повлекување | 9 јули 2006 (34 г.) | ||
Младинска кариера | |||
Кан | |||
Кариера* | |||
Години | Клуб | Наст.† | (Гол.)† |
1989-1992 | Кан | 61 | (6) |
1992-1996 | Бордо | 139 | (28) |
1996-2001 | Јувентус | 151 | (24) |
2001-2006 | Реал Мадрид | 155 | (37) |
Репрезентација ‡ | |||
1988-1989 | Франција 17 | 4 | (1) |
1989-1990 | Франција 18 | 6 | (0) |
1990-1994 | Франција 21 | 20 | (3) |
1994-2006 | Франција | 108 | (31) |
Раководител на екипите | |||
2014–2016 | РМ Кастиља | ||
2016–2018 | Реал Мадрид | ||
2019– | Реал Мадрид | ||
† Учества (Голови). |
Познат и по својот прекар Зизу, Зидан важи за еден од најдобрите играчи во историјата на фудбалот.[1][2][3] Својата кариера ја започнал во Кан дебитирајќи за првиот тим во 1988 година, а својата афирмација ја доживеал во дресот на Бордо кому му се приклучил во 1992 година. Во 1996 преминал во Јувентус, каде во пет сезони освоил две титули во Серија А, еден Суперкуп на Италија, еден Суперкуп на УЕФА и еден Интерконтинентален куп. Во летото 2001 година, Зидан направил трансфер во Реал Мадрид за тогаш рекорден износ од 77.5 милиони евра,[4] каде придонел кралевите својата ризница на трофеи да ја збогатат со уште една титула во шпанското првенство и два Суперкупа на Шпанија, како и титулите во Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и Интерконтиненталниот куп. Неговиот победнички гол во финалето на Лигата на шампионите, постигнат со волеј-удар со левата нога се смета за еден од најубавите голови во историјата на овој спорт.[5] По завршувањето на сезоната 2005-2006, тој го најавил своето пензионирање од фудбалот.
За француската репрезентација одиграл вкупно 108 натпревари и постигнал 31 гол. Со триколорите учествувал на три светски (1998, 2002 и 2006) и три европски првенства (1996, 2000 и 2004) и бил еден од главните протагонисти во освојувањето на Светското првенство 1998 на домашен терен - постигнувајќи два гола во победата со 3-0 над Бразил во финалето - и Европското првенство 2000.
Зидан е добитник на голем број поединечни награди и признанија: тој ја освоил Златната топка во 1998 и трипати бил прогласен за Светски играч на годината според ФИФА (1998, 2000, 2003), рекорд кој го дели со Роналдо.[6] Во 2004 година, тој бил вклучен во ФИФА 100, списокот на 125 најдобри живи фудбалери избрани од Пеле и ФИФА по повод прославата на стогодишнината на федерацијата.[7] Британската телевизиска куќа BBC го нарекла најдобриот европски играч во историјата на фудбалот,[8][9] додека УЕФА го прогласила за најдобар Европски играч во изминатите педесет години.[8] Покрај тоа, тој бил вклучен во списокот на најдобрите единаесет играчи во историјата на фудбалот според магазинот World Soccer.[10] Бил вклучен и во Идеалниот тим на деценијата од The Sun во 2009 година.[11]
По завршувањето на кариерата, тој станал тренер и го водел Реал Мадрид до три титули во Лигата на шампионите (споделен рекорд со Боб Пејсли и Карло Анчелоти), потоа до еден наслов во шпанската лига, два Суперкупа на УЕФА, два Суперкупа на Шпанија и две титули на Светското клупско првенство. Зидан бил првиот и единствен француски тренер кој бил победник во Лигата на шампионите.[12] Заедно со Фабио Капело и Марчело Липи, тој е единствениот тренер кој стигнал до финалето на Купот на шампионите/Лигата на шампионите три години по ред, но е единствениот кој ги освоил сите, со што станал првиот тренер кој освоил три последователни изданија на најквалитетното европско клупско натпреварување.[13]