Лингвистика
From Wikipedia, the free encyclopedia
Лингвистика (јазичарство или јазикознание[1]) — научното[2][3] проучување на јазикот.[4][5] Лингвистиката зазема голем број на подисциплини и науки. Постои важна тематска поделба помеѓу учењето за структурата на јазикот (граматика) и учењето за неговото значење (семантика и прагматика). Граматиката ги опфаќа морфологијата (образувањето и составувањето на зборовите), синтаксата (правилата кои одредуваат како зборовите се комбинираат во фрази и реченици) и фонологијата (учење за звучните системи и абстрактните звучни единици). Фонетиката пак е гранка на лингвистиката која се засега за вистинските својства на говорните звуци (гласови), неговорните звуци и како тие се произведуваат и перцепираат.
Останати подисциплини на лингвистиката се: еволуционистичката лингвистика, која го разгледува потеклото на јазикот; историската лингвистика, која ги истражува промените на јазикот; социолингвистиката, која ја проучува поврзаноста помеѓу јазичаричкото варирање и социјалната структура; психолингвистиката, која го проучува односот меѓу јазичното однесување и менталните процеси што се основа на тоа однесување; невролингвистиката, која го проучува функционирањето на деловите од мозокот кои овозможуваат да се употребува јазикот; јазичното усвојување, кое разгледува како децата го стекнуваат својот прв јазик и како децата и возрасните се стекнуваат со и го учат нивниот втор јазик, како и наредните јазици; и говорната анализа, која се засега за структурата на текстовите и разговорите, и прагматиката која разгледува како е примено значењето врз основа на комбинација од јазичаричка способност, нејазичаричко знаење и контекстот на говорната уметност.
Лингвистиката понекогаш се дефинира како научен приод на науката за јазикот, но на јазикот може да му се пријде од мноштво правци, а и голем број на други интелектуални дисциплини се значајни за него и влијаат на неговото учење. Семиотиката, на пример, е поврзано поле кое се засега за општото проучување на знаци и симболи, во и надвор од јазикот. Книжевни теоретичари ја изучуваат употребата на јазикот во уметничка книжевност. Лингвистиката често позајмува знаења од разновидни полиња како психологија, логопедија, информатика, филозофија, биологија, човечката анатомија, социологија, антропологија и акустика.
Во полето, јазичар или лингвист се користи да се опише некој кој или го изучува полето или користи јазичаричка методологија за да изучува одредени јазични групи или одредени јазици. Надвор од полето, овој поим честопати се однесува на луѓе кои зборуваат многу јазици или имаат одличен речник на зборување.[6]