Тур де Франс 2019
106. издание на велосипедската трка Тур де Франс / From Wikipedia, the free encyclopedia
Тур де Франс 2019 (познато и како: Трка околу Франција 2019) — 106. издание на велосипедската голема трка Тур де Франс, која се одржала помеѓу 6 и 28 јули како дваесет и седми настан во сезоната на Светската турнеја.[1]
| |||
Детали за трката | |||
Издание | 106. Тур де Франс | ||
Натпреварување | Светска турнеја на UCI 2019 2.UWT | ||
Етапи | 21 | ||
Датуми | 6 – 28 јули | ||
Растојание | 3.365,8 км | ||
Држави | Франција Белгија | ||
Поаѓалиште | Брисел | ||
Одредиште | Париз | ||
Екипи | 22 | ||
Возачи на почеток | 176 | ||
Возачи на крај | 155 | ||
Просечна брзина | 40,576 км/ч | ||
Добитници на наградите | |||
Победник | Еган Бернал (Инеос) | ||
Второпласиран | Герајнт Томас (Инеос) | ||
Третопласиран | Стевен Краусвајк (Џамбо-Висма) | ||
Бодовен | Петер Саган (Бора-Хансгрое) | ||
Планински | Ромен Барде (АГ2Р Ла Мондијал) | ||
Младински | Еган Бернал (Инеос) | ||
Борбеност | Жилијан Алафилип (Декојнинк-Квик Степ) | ||
Екипен | Мовистар | ||
◀2018 | 2020▶ | ||
Документација |
Трката имала вкупна должина од 3.365,8 километри и се состоела од 21 етапа, започнувајќи на 6 јули во Брисел, Белгија, и завршувајќи на 28 јули со традиционалната етапа на Елисејските полиња во Париз. Воведната етапа (позната и како „Големо тргнување“, Grand Départ) била одржана во Брисел во чест на 50-годишнината од првата победа на Тур де Франс на Еди Меркс. Вкупно 176 возачи од 22 екипи учествувале во трката. Крајниот генерален пласман бил освоен од Еган Бернал од Тим Инеос. Неговиот колега и победникот на Тур 2018, Герајнт Томас, завршил втор додека Стевен Краусвајк (Џамбо-Висма) завршил трет.
Колегата на Краусвајк, Мике Тенисен, ја освоил првата етапа во масовен спринт, кој станал прв возач на Тур кој ја облекол водечката жолта маичка. Жилијан Алафилип од Декојнинк-Квик Степ го преземал водството на трката по победата на третата етапа. Ја изгубил жолтата маичка по шестата етапа од Џулио Чиконе (Трек-Сегафредо), кој бил највисоко пласиран возач во групата на бегството, кое завршило пред главната група. Водството на Чиконе на Тур траело две етапи, пред Алафилип повторно да ја преземе жолтата маичка, која ја носел на следниве единаесет етапи, вклучувајќи ги и оние на Пиринеите, пред да ја изгуби од Бернал на вториот ден на Алпите, на етапата 19, која била скратена поради лошото време. Бернал го одржал водството на завршните две етапи за победа на Тур.
Бодовниот пласман бил освоен од Петер Саган по рекорден седми пат, додека Ромен Барде од АГ2Р-Ла Мондијал го освоил планинскиот пласман. Бернал, исто така, го освоил пласманот за млад возач. Мовистар Тим го освоиле екипниот пласман, додека Алафилип бил именуван најборбен на целата трка. Кејлеб Јуан од Лото-Судал имал најмногу победи на етапите, вкупно три.