Физика
From Wikipedia, the free encyclopedia
Физиката (од грчки: φυσικός, фисикос, природно и φύσις, фисис, природа)[1][2] — природна наука која ги изучува општите и фундаментални закономерности кои ја определуваат градбата и еволуцијата на материјалниот свет.[3] Физиката е егзактна наука, што значи дека се занимава со пронаоѓањето на количествен опиc на природните појави. Физиката се основа на теории кои даваат јасни и мерливи предвидувања. Како физички се сметаат само експериментални резултати кои можат да бидат независно добиени. Таквите резултати можат да потврдат или да отфрлат дадена физичка теорија. Теоретската и експерименталната физика се тесно поврзани - понекогаш развитокот на физичките теории мотивира спроведување на нови експерименти, а понекогаш новите експериментални податоци го провоцираат создавањето на нова теорија. За изучувањето на природните појави овие две активности се од еднаква важност.
Значењето на физиката во современиот свет е огромно. Новите нејзини идеи и достигнувања водат до развиток на другите науки и до нови научни откритија, кои од своја страна наоѓаат примена во техниката и промисленоста. На пример, истражувањата во областа на електромагнетизмот водат до појавата на телефонот, електромоторот, возовите кои се движат со помош на махнетни сили (магнетнолебдечки); откритијата во областа на термодинамиката ја прават можна изградбата на автомобилот, додека развитокот на радиоелектрониката доведува до појавата на компјутерите.
И покрај неверојатното количество на собрани познавања за светот, човечкото разбирање за процесите и појавите непрекинато се менува и развива, новите истражувања поттикнуваат нови и нерешени прашања за кои се потребни нови објаснувања и теории. Во таа смисла, физиката е во непрекинат процес на развиток и е сè уште далеку од можноста да ги објасни сите природни појави и процеси.