Мал александар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Мал александар (науч. Psittacula krameri) — друштвена тропска птица од родот на прстенестите папагали (Psittacula) со многу голем ареал во Африка и Азија. Го носи името на кралот Александар III Македонски, за кој се смета дека ги довел птиците од овој род во Средоземјето од Пенџаб како подароци за аристократијата и дипломатите.[2] Оваа птица може да се види во Зоолошката градина во Скопје.[3]
Мал александар | |
---|---|
Женка (лево) и мажјак (десно) од подвидот индиски мал александар | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Папагаловидни |
Натсемејство: | Вистински папагали |
Семејство: | Папагали |
Потсемејство: | Прстенести папагали |
Род: | Прстенести папагали |
Вид: | Мал александар |
Научен назив | |
Psittacula krameri (Скополи, 1769) | |
Изворна распространетост во дивина |
Птицата се одликува со полов диморфизам. Возрасниот мажјак има црвен или црн прстен на вратот, додека пак женките и младенците од двата пола немаат прстн или пак имаат сенчест светлосив до темносив прстен. Индискиот подвид е просечно долг 40 см, заклучно со опашните пердуви, кои се мошне долги во однос на телото. Секое крило е долго 15–17,5 см. Во природната средина, по поведение се мошне гласни, со карактеристично крекаво огласување и зелена боја. По исхрана се растителнојадни, а по местото на живеење се непреселни.
Ова е еден од малкуте видови папагали кои се имаат успешно прилагодено на живот во пореметени живеалишта, одолевајќи им на урбанизацијата и обесшумувањето. Бидејќи видот уште многу одамна ужива популарност како миленик, денес постојат во разни градови во светот постојат колонии зачнати од избегани единки. Бројноста на малиот александар сè повеќе се зголемува, и затоа го носи статусот „најмала загриженост“ (LC) според МСЗП, доделен во 2012 г. Од друга страна, во некои делови од матичниот ареал, овие птици имаат намалена бројност поради заловувањето за чување како миленици и судирот со земјоделците, кои ги сметаат за штетници.[1]
Научниот назив на птицата е даден во чест на австрискиот природонаучник Вилхелм Хајнрих Крамер (†1765).[4]