Црвен список на МСЗП
From Wikipedia, the free encyclopedia
Црвениот список на МСЗП, создаден во 1948, е најопсежниот попис на заштитниот статус на растителните и животниски видови во светот. Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП или IUCN) е главниот светски орган на заштниот статус на видовите. Разни земји и организации имаат свои регионални црвени листи, кои го проценуваат ризикот од изумирање на видовите присутни во извесна политичка целина.
Црвениот список на МСЗП се темели на прецизни критериуми за утврдување на ризикот од изумирање на илјадници видови и подвидови. Ови критериуми се однесуваат на сите видови, во сите земји во светот. Спискот има за цел да им укажува на јавноста и државните институции за загрозеноста на видовите, како и да ѝ помогне на меѓународната заедница со намалувањето на стапката на изумирање на видовите.
Главни проценители на состојбата на видовите се BirdLife International, Зоолошкиот институт (научноинстражното одделение на Лондонското зоолошко друштво), Светскиот центар за надзор на заштитата на природата, и многу други стручни групи во рамките на Комисијата за опстанок на видовите (КОВ или SSC). Овие организации се одговорни за речиси половина од видовите на списокот.
Црвениот список на МСЗП нашироко се смета за најобјективен и најмеродавен систем на класификација на видовите на кои им се заканува изумирање.[1]
МСЗП настојува да врши проценки на сите видови на секои 5 години (или барем на секои 10). Ова се врши по пат на рецензија преку стручните групи, кои се органи на МСЗП надлежни за поединечен вид, групи на видови, или поединечни географски подрачја, или пак во случај на BirdLife International, целата класа на (Птици).[2]