Флуорирање на водата
From Wikipedia, the free encyclopedia
Флуорирање на водата — контролирано додавање флуориди во водата за пиење со цел да се намали расипувањето на забите. Флуорираната вода содржи флуориди на ниво, кое ќе биде делотворно за заштита од кариес; таа може да настане по природен пат или со додавање флуориди.[1] Флуорираната вода влијае на површината на забите, односно во устата образува ниски нивоа на флуориди во плунката, со што се намалува степенот со кој глеѓ ги намалува минералните состојки и го зголемува степенот за повторно создавање минерални состојки во раната фаза на кариесот.[2] Најчесто во водата за пиење се додава смеса од флуориди, постапка која во САД просечно чини околу 0,92 долари по човек годишно.[3][4] Дефлуоридацијата е потребна доколку природното ниво флуориди ги надминува препорачаните граници.[5] Комисија од стручњаци на Светската здравствена организација во 1994 година предложила ниво на флуориди од 0,5 до 1,0 мг/л (милиграм во литар), зависно од климата.[6] Водата во шишиња најчесто има непознато количество флуориди, а некои вградени филтри за вода отстрануваат дел од флуоридите или сите флуориди.[7]
Забниот кариес во повеќето развиени земји претставува најголема грижа за јавното здравје и опфаќа 60-90% од учениците и голем дел од возрасните, а неговото лекување општеството го чини многу повеќе отколку лекувањето на која било друга болест.[8] Флуоридирањето на водата штити од кариес како кај децата така и кај возрасните.[9] Проценките од истражувања покажале дека со флуоридација на водата може да го намали кариесот од 18-40% кај деца кои користат таква вода и кои веќе имаат пристап до паста за заби и други извори на флуориди.[10] Иако флуоридацијата на водата може да предизвика флуороза на забите, која може да го промени изгледот на забите во развој, сепак најчесто таа е слаба и не се смета за естетски или здравствен проблем.[11] Не постои јасен доказ за други непосакувани последици. Истражувањата со умерен квалитет ја истражувале делотворноста; најголем дел од истражувањата за несакани последици биле со низок квалитет.[12] Какви ќе се последиците од флуоридите, зависи од вкупното дневно внесено количество флуориди од сите извори. Најчесто, пиењето вода е најголемиот извор;[13] други начини на терапија со флуориди се флуоридирање на пастите за заби, солта и млекото.[14] Флуоридирањето на водата, доколку е соодветно и прифатено, има значителни предности, особено за високо ризичните подгрупи.[8] Центрите за контрола на болести на САД ја посочиле флуоридацијата на водата за едно од десетте најголеми достигнувања за јавното здравје на дваесеттиот век;[15] спротивно на тоа, повеќето европски држави искусиле солидно намалување на расипувањето на забите без употреба на флуоридација на водата, пред сè поради воведувањето на флуоридираната паста за заби во 1970-тите години.[16] Флуоридацијата можеби во САД е пооправдана поради општествено економските нееднаквости во здравјето и грижата на забите.[17]
Целта на флуоридацијата на водата е да штити од хронични болести од кои најчесто боледуваат децата и сиромашните.[18] Нејзината употреба претставува судир меѓу заедничкото добро и правата на поединците.[19] Таа е спорна,[20] а спротивставувањето се заснова на етички, законски, безбедносни основи и основи за ефикасност.[21] Светските здравствени и стоматолошки организации ја гарантираат нејзината безбедност и ефикасност.[16] Флуоридацијата почнала да се употребува во 1940-те години, по истражувањата спроведени врз деца во области, каде во водата природно се појавуваат повисоки нивоа на флуориди.[22] Истражувачите откриле дека слабата флуоридација предизвикува расипување на забите,[23] и од 2004 година околу 400 милиони луѓе низ светот добиле флуоридирана вода.[24]