Баптизам
From Wikipedia, the free encyclopedia
Баптистите претставуваат протестантски христијани кои сметаат дека за да еден христијанин биде крстен, тој најпрвин треба да биде пораснaт верник. Почетоците на Баптистичката црква се во Велика Британија и САД. Денеска претставуваат една од најголемите протестантски заедници. Од редовите на баптистите бил и Мартин Лутер Кинг.
Според статистичките податоци кои ги објавил баптистичкиот статистички завод, во светот има околу 90.000.000 верници. Оваа верска заедница била основана од страна на Џон Смит, кој живеел во прогонство во Амстердам.
Смит го измислил двостепениот поредок во црквата, пастор и ѓакон, за разлика од Реформистите кои имале тристепен поредок. Со своите нови гледишта за крштението, кај него се појавила голема загриженост. Тој и неговите следбеници биле крстени како деца, а тоа не им пасувало на учењето. Затоа извршиле ново крштение. Тие биле првите верници на ова движење, па не постоел некој да го изведува крштевањето. Смит решил да се крсти самиот, и го сторил тоа, а потоа почнал да ги крштева и своите следбеници.
Првата баптистичка црква била основана во 1612 година, кога Смит се вратил во Англија, и кога ова движење зазело голем замав во времето на династија Стјуард. Според некои, Баптистите се произлезени од Анабаптистите. Голем број на баптисти се поврзуваат со политичките настани од 17 век. Тие биле предводници за религиозната слобода помеѓу верите. Во текот на населувањето на Америка, голем дел од баптистите заминале во САД каде основале баптистички цркви. Во тоа време се одвоила и баптистичката секта позната под името Баптисти од седмиот ден. Во текот на 18 век, баптизмот паднал под притисок на унитаризмот.