Витамин
From Wikipedia, the free encyclopedia
Витамините (латински: vita-живот; amin-амин, органско соединение со азот) се комплексни соединенија од различна хемиска природа кои се важни за нормалното биолошко функционирање на многу живи суштества. Поточно, тие во многу мали количини се потребни за растењето, нормалното функционирање на клетките и ткивата и општо, за одржување на здравјето. Растенијата и некои микроорганизми се способни сами да ги синтетизираат сите потребни витамини, додека животните одредени витамини ги создаваат сами, а други мора да ги внесат преку исхраната. Витамините се делат на витамини растворливи во вода и витамини растворливи во масти.
Витамините се среќаваат во две основни форми: активна (дејствуваат веднаш во организмот) и неактивна (за да дејствуваат, треба да се активираат). Повеќето витамини, животните ги внесуваат во активна форма, но има и такви, како витамините A и D кои се внесуваат во организмот во неактивна форма. Витамините во неактивна форма се означуваат како провитамини. Сите витамини растворливи во вода, освен витаминот C, влегуваат во структурата на одредени ензими како коензими. Делумниот недостиг на определен витамин во организмот се нарекува хиповитаминоза, додека целосниот недостиг-авитаминоза. Меѓутоа, и преголемата застапеност на одреден витамин во организмот е штетна, состојба означена како хипервитаминоза. При различните хипо-, а- или хипервитаминози, доаѓа до различни нарушувања на организмот.