Ежен Делакроа
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фердинан Ежен Виктор Делакроа (француски: Ferdinand Victor Eugène Delacroix; 26 април 1798 – 13 август 1863) — француски ликовен уметник, кој извршил огромно влијание врз романтичарското движење во Европа. Бил познат како мајстор на боите, бидејќи како ученик на раните англиски романтичари, успешно ги комбинирал нивните ликовни принципи создавајќи свој уникатен стил на сликање. Освен за сликарите, Делакроа бил инспирација и за книжевните уметници поради својот вроден вкус за естетика. Неговите мајстории на платното се пример на кој се угледуваат многумина од современите сликари.
Ежен Делакроа | |
---|---|
Ежен Делакроа (фотографија на Надар) | |
Роден(а) | Фердинан Виктор Ежен Делакроа 26 април 1798 Шарентон, Ил де Франс, Франција |
Починал(а) | 13 август 1863
(65 г.) Париз, Франција |
Националност | Французин |
Познат(а) по | сликарство, литографија |
Значајни дела | „Слобода на барикадите“ (1830) |
Правец | Романтизам |
Случувањата од тоа време го диктирале правецот по кој се развивала неговата техника. Негови ликовни идоли биле Петар Паул Рубенс и претставниците на Венецијанската ренесансна школа. Ја пропатувал речиси цела Европа, но сепак Мароко била земјата која најмногу го воодушевила. Уживал голема популарност во текот на неговата долга и успешна кариера. Добил многубројни награди и признанија од академијата и владата во неговата татковина. Обработувал сцени кои изобилувале со крв и насилство, притоа употребувајќи силни и впечатливи бои. Таа негова определба наишла на негодување во одредени кругови, но ги придобила симпатиите на сите останати. Имал работна навика да ги илустрира познатите творби на великаните како Вилијам Шекспир, Валтер Скот и Волфганг Гете.
Еженовите дела засекогаш го промениле светот на визуелната уметност, а неговото творештво имало силен одраз врз оформувањето на импресионизмот и постимпресионизмот.[1] Неговата страст по егзотичното и недопирливото биле идеи што ги воспримиле идеолозите на симболизмот. Денес, Делакроа е запаметен како еден од најзначајните француски ликовни романтичари, чиј раскошен талент и генијална умешност се признати од светската ликовна критика.[2] Според зборовите на Шарл Бодлер, „Делакроа бил во огнена љубов со страста, но бил силно одлучен да ја изрази страста најпрефинето што можел“.[3]