Фризиски Острови
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фризиски Острови, наречени и Ваденски или Ваденскоморски Острови (холандски: Waddeneilanden; фризиски: Waadeilannen; германски: Friesische Inseln — архипелаг на источниот крај на Северното Море во северозападна Европа. Се протегаат од северозападот на Холандија низ Германија, па на запад до Данска. Островите претставуваат своевидна заштита за плитаците на Ваденското Море од влијанијата на Северното Море.[1] Заедно со копненото крајбрежје на Германскиот Залив, Фризиските Острови ја образуваат Фризија - татковината на Фризите. „Фризиски“ се нарекуваат оние острови кајшто се говори фризискиот јазик и кајшто населението е етнички фризиско. За разлика од ова, поимот „Ваденски Острови“ се однесува на целиот архипелаг, вклучувајќи ги оние ваденски острови кајшто се говори данскиот јазик кои се наоѓаат малку понасевер на западниот брег на Јитланд.
Највеќето острови во групата се заштитени како меѓународни резервати на дива природа, под здружено раководство на Холандија, Германија и Данска. Покрај тоа, во подрачјето и понатаму се експлоатираат земниот гас и нафтата. Во близината се наоѓаат и устијата на реките Емс, Везер и Елба, чија поврзаност со морето е од големо стопанско значење, но и еколошка закана за дивиот свет во подрачјето.