Хомер
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хомер (грчки: Ὅμηρος Hómēros) — легендарен (или можеби митски) ран грчки поет и рапсодист традиционално славен како автор на големите грчки епови Илијада и Одисеја, комичниот мини-еп „Батрахомиомахија“ ("Војната на Жабецот и Глушецот"), корпусот Хомерови химни, и различни други изгубени или нецелосни дела како „Маргитес“. Неколку антички автори нему му го припишуваат целиот епски циклус, кој вклучува и натамошни поеми за Тројанската војна како и поемите за Едип и неговите синови.
Хомер (старогрчки: Ὅμηρος) | |
---|---|
Идеализирана биста на Хомер од хеленистичко време. Британски музеј. | |
Живеел | ~ VIII век п.н.е. |
Влијанија | рапсодична усмена поезија |
Влијаел на | класиката (западен канон) |
Според традицијата, Хомер е слеп, и различни јонски градови се сметаат за негово родно место, но инаку неговата биографија е празна. Не се знае точно кога живеел. Херодот проценил дека Хомер живеел 400 години пред него, со што времето на Хомер го сместува околу 850 п.н.е.;[1] додека други древни извори велат дека живеел во времето на Тројанската војна, на почеток на 12 век п.н.е.[2]
Денес во науката „времето на Хомер“ или „Хомерово доба“ се нарекува периодот во кој се создадени еповите. Прифатено е дека „Илијада“ и „Одисеја“ се создадени околу 8 век п.н.е., односно „Одисеја“ неколку децении подоцна.[3] Постојано се води дебата околу тоа дали истиот поет е автор и на „Илијада“ и „Одисеја“; а за останатите дела мнозинството се согласува дека се напишани подоцна.