Штипска тврдина
археолошко наоѓалиште во Македонија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Исар или Штипска Тврдина — средновековна тврдина во Штип. Се наоѓа во западниот дел на градот, каде се издига карпестиот рид Исар, висок 150 м. Опкружен е со стрмни падини, на западната страна со коритото на Брегалница, а на јужната со коритото на Отиња. Положбата и височината овозможуваат прегледност и контрола на влезот и излезот од градот. На самиот врв има нерамно плато, 200 м издолжено во правец север-југ, оградено со остатоци од темели на бедем, прилично добро зачуван, наместа висок 12 до 19 м, со неколку одбранбени кули. Според досегашните проучувања, се претпоставува дека тврдината била подигната во раниот среден век, заради одбранбените и стратегиските потреби на градот што лежел во нејзиното подножје. Под денешното име Штип се наоѓал во границите на Самоиловата држава, на почетокот на XIII век под бугарска власт, а веднаш потоа под управата на српскиот владетел Стефан Дечански. Турците го зазеле во 1382 година. Државните и политичките промени се одразиле и врз архитектурата на тврдината. На одделни места се гледаат уривања, поправки или доградби. По појавата на огненото оружје таа била напуштена, исто како и повеќето тврдини во Македонија. Меѓу вградениот градежен материјал се забележуваат кршени парчиња од архитектонска пластика од бел мермер од римска провениенција, секако донесени од некогашниот град Астибо кој лежел непосредно во подножјето на ридот, во денешното маало Стар Конак. Во долниот дел на падините на Исар има три цркви, и тоа на источната - „Св. Архангел Михаил“, на јужната „Св. Јован Крстител“ и на северната „Св. Власиј“, која е во остатоци од темели. Што се однесува до остатоците од средновековната населба, дел од нив се среќаваат на северозападната падина, лево од црквата Св. Архангел Михаил. Според најдените фрагменти од керамички садови, има индиции дека Исар бил користен за одбранбени цели многу порано, во раноантичкото време, а можеби и во железното време.[1]
„Исар“ | |
поглед кон остатоците од тврдината | |
Местоположба | 41°44′17.8″N 22°11′09.8″E |
Основни податоци | |
---|---|
Место | Штип |
Општина | Штип |
Тип |
|
Период | среден век |
Портал „Археологија“ |