Синхроно вртење
From Wikipedia, the free encyclopedia
Синхроно вртење (усогласено вртење, гравитациско врзување или зафатено вртење) — појава кога едно астрономско тело при орбитирањето е секогаш завртено со исто лице кон телото околу кој орбитира. Ова е познато како синхронизирано вртење: вртежниот период околу својата оска на синхроно врзаното тело е еднаков на орбиталниот период околу другото тело. На пример, Месечината е секогаш свртена со истата страна кон Земјата, иако има мали варијации бидејќи орбитата на Месечината не е совршен круг. Најчесто, само сателитот е синхроно врзан за поголемото тело.[1] Меѓутоа, ако разликата во масата помеѓу двете тела и растојанието меѓу нив се релативно мали, синхроното вртење (врз другото) може да го врши било кое тело; таков е случајот со Плутон и Харон.
Овој ефект се јавува кога заемното гравитациско дејство на две астрономски тела го забавува вртењето на едното тело додека не настане синхроно вртење. Во текот на милиони години, силите на взаемните дејства ги менуваат нивните орбити и вртежна брзина како резултат на размената на енергија и губењето на топлина. Кога едно од телата ќе се најде во состојба во која веќе нема нето промена во неговата стапка на вртење за време на целосната орбита, се вели дека е синхроно врзано.[2] Телото се стреми да ја задржи оваа состојба, а за да ја напушти треба да додаде енергија во системот.
При синхроно вртење не секогаш има и синхронизирано вртење.[3] Таков е примерот со Меркур, оваа синхроно врзана планета ротира трипати околу својата оска на секои две обиколки околу Сонцето, 3:2 резонанца вртење-обиколка. Во посебен случај кога орбитата е речиси кружна и оската на вртење на телото не е многу навалена, како кај Месечината, синхроното вртење предизвикува истата полутопка на телото кое орбитира постојано да е свртена кон другото тело.[2][3][4] Сепак, може да има мало отстапување поради варирање на орбиталната брзина на зафатеното тело и наклонетоста на неговата оска на вртење.