Феникиска азбука
From Wikipedia, the free encyclopedia
Феникиска азбука, феникиско писмо или пракананско писмо — систем на пишување на феникискиот јазик. Азбуката или писмото е согласно писмо (абџад), за што карактеристично е пишувањето само на согласките. Писмото е најстарата азбука која е документирана и е постара од 1050 година п.н.е. Писмото, како абџад,[3] има 22 букви што претставуваат 22 согласки. Првично јазикот не користел никакви букви или симболи за забележување на самогласките, но во подоцнежниот стадиум се развиле знаците за обележување на одредени самогласки, денес познати како „матрес лекционис“.
Феникиска азбука | |
---|---|
Тип | |
Период | ок. 1200–150 BC[1] |
Правец на пишување | од десно кон лево |
Јазици | феникиски и пунски |
Сродни писма | |
Матични системи | |
Изведени системи | палеохебрејска азбука арамејско писмо грчка азбука |
Сродни системи | јужноарапско писмо |
ISO 15924 | |
ISO 15924 | Phnx, 115 , Phoenician |
Уникод | |
Уникоден назив | Phoenician |
Уникоден опсег | U+10900–U+1091F |
Оваа страница може да содржи фонетски симболи од меѓународната фонетска азбука (МФА). |
Феникиската азбука потекнува од египетските хиероглифи.[4] Бидејќи феникиската цивилизација забрзано се развивала и се распространила низ целото крајбрежје на Средноземното Море, писмото станало едно од најупотребуваните. Писмото било примано и асимилирано од голем број народи. На локално ниво, во регионот на Блискиот Исток, од феникиската азбука се развило палеохебрејското писмо.[5] Дополнително на тоа, од феникиското писмо се развило арамејското писмо, а како резултат на тоа и арапското и хебрејското. Подоцна, врз основа на феникиското писмо се создало старигрчкото и етрурското, а од нив произлегле кирилското и латинското.
Првичниот дизајн на буквите е аголен и прав, но подоцна како што се развивал јазикот, така и писмото добивало позаоблена или ракописна форма. Писмото се пишувало од десно кон лево.