Бактерии
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бактерии (науч. Bacteria) — голем домен на прокариотски микроорганизми. Типично се неколку микрометри во должина и се среќаваат во голем број на облици, вклучувајќи сфери, стапчиња и спирали. Бактериите се едни од најстарите животни форми на планетата и може да се најдат во скоро сите хабитати. Тие ги населуваат океаните, копното, врелите извори, екстремно кисели води и радиоактивни отпади,[2] а може да се најдат дури и на големите длабочини на Земјината кора. Тие исто така живеат во сложените повеќеклеточни организми како што се животните и растенијата, а со нив формираат симбиотски или паразитски односи. Повеќето бактерии сè уште не се одликувани, а само околу половина од сите бактериски колена имаат видови кои може да се огледуваат во лабораторија.[3] Науката за бактерии се нарекува бактериологија и претставува гранка на микробиологијата.[4]
Бактерии Период: архаик–денес 3500–0 милиони години | |
---|---|
Escherichia coli | |
Научна класификација [ у ] | |
Домен: | Бактерии Woese et al. 1990 |
Синоними | |
|
Во еден грам почва има околу 40 милиони бактериски клетки, а во милилитар слатка вода има околу милион бактериски клетки. На планетата Земја има околу 5×1030 бактерии.[5] Ова формира бактериска биомаса која е поголема од растителната и животинската биомаса заедно.[6] Бактериите се неопходни за многу фази од циклусот на елементите во биосферата, како што се врзувањето на јаглеродот и азотот од атмосферата. Циклусот на елементите исто така вклучува разградување на телата на мртвите организми, а бактериите се најодговорни за фазата на гниење на овој процес.[7] Во биолошките заедници кои живеат околу хидротермалните извори или студените извори, екстремофилните бактерии ги обезбедуваат виталните хранливи материи кои се неопходни да се одржи животот во овие средини; како што е искористувањето на метан и сулфурводород за продукција на енергија. Во 2013 година била објавена студија според која бактериите може да живеат во Маријанскиот Ров, кој се наоѓа на длабочина од 11 километри, што е најдлабокиот познат регион на океаните.[8][9] Други истражувачи објавиле резултати според кои бактериите може да живеат внатре во карпи кои се наоѓаат 580 метри под морското дно.[10] Верувањето дека бактериските клетки во човековото тело се побројни од човечките клетки во однос 10:1 е побиено. Има околу 39 трилиони бактериски клетки во човековата микрофлора, при што како стандард се зема маж со 170 сантиметри висина и 70 килограми телесна тежина, додека вкупниот број на човековите клетки е околу 30 трилиони. Ова значи дека иако бактериските клетки се побројни, тие се побројни за 30%, а не за 900% во однос на човековите клетки.[11] Најголемиот број на бактериски клетки кај човекот се наоѓаат во цревната флора, а втори по бројност се бактериите на кожата.[12] Најголемиот дел на бактериите кои живеат во човековото тело се сосема безопасни, а тие што живеат во цревната флора се дури и многу корисни. Меѓутоа неколку видови на бактерии се патогени и предизвикуваат инфективни заболувања како што се: чума, лепра, антракс, сифилис, колера, туберкулоза итн. Најсмртоносните бактериски заболувања се дишните индекции, од кои на прво место е туберкулозата која убива околу 2 милиона луѓе годишно главно во потсахарска Африка.[13] Во развиените земји за третман на бактериските инфекции често се користат антибиотици, кои исто така се употребуваат и во сточарството поради што резистенцијата кон антибиотици е во пораст. Во индустријата бактериите се користат за третман на отпадни води, за разградување на истурена нафта; во прехранбената индустрија за производство на јогурт, сирење и други производи на ферментација; како и во биотехнологијата за производство на антибиотици и разни други хемикалии.[14][15]
Порано бактериите се сметале за растенија и се класифицирале во класата Schizomycetes. Денес, бактериите се класифицираат како прокариотски организми кои, за разлика од животинските, растителните и другите еукариотски организми, не поседуваат клеточно јадро и немаат мембрански органели. Иако традиционално терминот „бактерии“ се користел за сите прокариоти, научната класификација е променета со почетокот на деведесеттите години од 20 век, по откритието дека археите се посебна група на прокариоти, кои заедно со бактериите еволуирале од заеднички предок. Денес бактериите и археите се класифицираат во два одделни домени на животот, а третиот го чинат еукариотите.[16]