Липид
From Wikipedia, the free encyclopedia
Липидите или мастите се група на органски соединенија кои не се растворливи во вода, а се раствораат во органски растворувачи (етер, ацетон, хлороформ и други) и на тој начин можат да се екстрахираат од ткивата на растенијата или животните. Липидите, за разлика од јаглехидратите се хидрофобни органски соединенија, што значи тие не се мешаат со водата, туку притоа даваат посебен вид на раствор наречен емулзија.
Мастите, како и јаглехидратите и белковините можат со други органски соединенија да конјугираат и да градат сложени комплексни соединенија кои се вградени во структурата на живата протоплазма.
Липидите заедно со белковините се важен градбен материјал на клеточните структури, а посебно е важно учеството во изградбата на цитоплазматичната и сите мембрани на мембранскиот систем во клетката. Во клетката, липидите се претставени со околу 1 до 5% од вкупната клеточна тежина. Овие материи се и главен и најсконцентриран извор на енергија. Како резервни материи се складираат во форма на неутрални липиди (триацилглицериди, холестерол-естри) во внатреклеточни органели наречени липидни капки[1]. Кај повеќето ’рбетници мастите главно се складираат во специјализирани клетки, адипоцитите, кои се клеточна компонента на масното ткиво.