ФК Манчестер Јунајтед
англиски фудбалски клуб / From Wikipedia, the free encyclopedia
ФК Манчестер Јунајтед (англиски: Manchester United F.C.) — професионален фудбалски клуб од Манчестер, Англија, кој се натпреварува во Премиер лигата, највисокото фудбалско натпреварување во англискиот фудбалски систем. Познат под прекарот "Црвени ѓаволи", клубот бил основан под името Њутн Хит во 1878 година, го променил своето име во Манчестер Јунајтед во 1902 година, и започнал да игра на сегашниот стадион Олд Трафорд во 1910 година.
Манчестер Јунајтед | ||||
---|---|---|---|---|
Целосно име | Фудбалски клуб Манчестер Јунајтед | |||
Држава | Англија | |||
Прекар | Црвени Ѓаволи (The Red Devils)[1] | |||
Основан | 1878; пред 146 години (1878), како „Њутн Хит“ 1902; пред 122 години (1902) како „Манчестер Јунајтед“ | |||
Бои | црвена и бела | |||
Стадион | Олд Трафорд | |||
Капацитет | 74.879 | |||
Сопственик | Манчестер Јунајтед д.о.о. (NYSE: MANU) | |||
Сопретседател | Џоел и Аврам Глејзер | |||
Менаџер | Ерик тен Хаг | |||
Лига | Премиер лига | |||
2022-2023 | Премиер-лига, 3. место | |||
Мреж. место | Официјално мрежно место | |||
| ||||
Тековна сезона |
Манчестер Јунајтед е најуспешен клуб во Англија, со освоени рекордни 20 национални титули, 12 титули во ФА Купот, 5 титули во Лига Купот и рекордна 21 титула во ФА Комјунити шилд. Клубот исто така трипати ја освоил УЕФА Лигата на шампионите, еднаш УЕФА Лигата на Европа, еднаш УЕФА Купот на победниците на куповите, еднаш Суперкупот на УЕФА, еднаш Интерконтинеталниот куп и еднаш Светското клупско првенство. Во сезоната 1998–99, клубот станал прв во историјата на англискиот фудбал кој во една сезона успеал да ги освои титулите во Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите.[2] Во сезоната 2016–17, со освојувањето на Лигата на Европа, Манчестер Јунајтед станал само петти клуб во историјата кој ги освоил сите три клупски натпреварувања на УЕФА.
Во минхенската авионска несреќа во 1958 година загинале осум играчи на клубот. Во 1968 година, под водство на Мет Базби, Манчестер Јунајтед станал првиот англиски клуб кој го освоил Европскиот куп. Алекс Фергусон со клубот освоил 38 титули како тренер, вклучувајќи 13 титули во Премиер лигата, 5 титули во ФА купот и 2 титули во Лигата на шампионите помеѓу 1986 и 2013 година.[3][4][5] Моментален тренер на клубот е Оле Гунар Солшер.
Во сезоната 2015–16, Манчестер Јунајтед бил фудбалски клуб со најголема заработка во светот со годишен приход од 689 милиони евра,[6] и највреден фудбалски клуб во светот во 2017 година, проценет на 2.86 милијарди фунти.[7] Од јуни 2015 година, клубот е највреден фудбалски бренд во светот, со проценка дека вреди 1.2 милијарди долари.[8][9] Откако започнал да циркулира на Лондонската берза во 1991 година, клубот бил купен од Малколм Глејзер во мај 2005 година за речиси 800 милиони фунти, со што клубот бил повлечен од берзата, за во август 2012 година повторно да биде понуден со првична јавна понуда на Њујоршката берза. Манчестер Јунајтед е еден од најпопуларните клубови во светот,[10] и негови најголеми фудбалски конкуренти се Ливерпул, Манчестер Сити и Лидс Јунајтед.