Бивол
From Wikipedia, the free encyclopedia
Бивол или домашен азиски бивол (науч. Bubalus bubalis) — големо говедо со потекло од јужна Азија, југоисточна Азија и Кина. Денес се среќава во Европа, Австралија и некои земји во Америка.[1] Дивиот бивол (Bubalus arnee) од југоисточна Азија се смета за различен вид, но најверојатно е предокот на домашниот бивол.[2]
Бивол | |
---|---|
Женка и теле | |
припитомен | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Парнокопитни |
Семејство: | Шуплороги |
Потсемејство: | Говеда |
Род: | Бивол |
Вид: | Бивол |
Научен назив | |
Bubalus bubalis (Linnaeus, 1758) | |
| |
Распространетост на биволот (2004) |
Според морфолошките и етолошките критериуми, разликуваме два типа на биволи — речен (од јужна Азија, па на запад до Балканот, во Египет и Италија) и блатен (од Асам на запад, преку југоисточна Азија до долината Јангцекјанг во Кина на исток).[1][3] Потеклото на овие два типа е спорно, но филогенетските истражувања укажуваат дека блатниот тип е со потекло до Кина, припитомен пред 4.000 години, додека пак речниот тип е од Индија, припитомен пред околу 5.000 години.[4] Со биволи се тргувало во Индската цивилизација (во денешен Пакистан) до Месопотамија (во денешен Ирак), околу 2500 г. пр. н. е.[5] Печатот на писарот на акадскиот крал има претстава на жртвување на биволи.[6]
Биволите се особено погодни за орање на оризарниците, а нивното млеко е побогато со масти и белковини од она на другите млекодајни говеда. Големите подивени населенија во северна Австралија се установиле кон крајот на XIX век, а мали подивени стада има и во Нова Гвинеја, Тунис и североисточна Аргентина.[1] Денес има барем 130 милиони домашни биволи, и од нив за издршка зависат повеќе луѓе отколку од били кое друго домашно животно.[7]