Афродита
From Wikipedia, the free encyclopedia
Афродита (старогрчки: Ἀφροδίτη) — старогрчка божица на убавината, сензуалната љубов и плодноста. Значењето на нејзиното име е непознато, иако Старите Грци верувале дека тоа се однесува на пената. Многу е веројатно дека ова верување произлегува од приказната за нејзиното раѓање.[1][2][3]
Според едно старо предание, кое го застапувал и Хомер, таа била ќерка на Зевс и Диона; а според поново, кон кое се придржувал Хесиод, родена е од морска пена (ἀφρός) која се создала кога Крон ги фрлил гениталиите на Уран во морето.[4] Веднаш по раѓањето, излегла од морето на брегот на островот Кипар. Одовде нејзините атрибути се: Ἀφρογενεια (родена од пена), Αναδυόμενη (која се појавува, излегува), Κυπρογένεια (родена на Кипар).[5] Божицата Афродита била особено почитувана на островите Китера и Кипар, исто и на кипарскиот град Пафос, каде бил изграден голем храм во нејзина чест.[6][7]
Првично, кипарската Афродита, најверојатно, била божица на плодноста, многу слична на блискоисточната божица Иштар-Астарта. Појавувајќи се меѓу Грците, таа била персонифицирано со сексуалност и усрдно обожувана како на универзална сила. Многу локални светилишта посветен нејзе биле изградени ширум копнениот дел на Грција, а нејзините култови различно се менувале од место до место. Во некои области, Афродита била сметана дури и како божица на војната, што можеби било поттик за нејзината поврзаност со богот на војната, Арес.[8] Посебната моќ на Афродита да ги привлекува мажите се припишува на нејзиниот каиш кој имал волшебна моќ. Љубоморно го чувала каишот и не дозволувала да го позајми на другите божици сметајќи се себеси за најубавата. Таа долго време била главно божество на Коринт, во Спарта, Теспија и во Атина, но подоцните Хелени ѝ го намалиле значењето.[9]
Многу подоцна, во класичниот период, култот кон Афродита добил современо сфаќање, според кое, таа е надлежна за сексуалната привлечност и љубовното задоволство (τα Αφροδίσια).[10]