Биоразновидност
From Wikipedia, the free encyclopedia
Биоразновидност (биодиверзитет) — степен на разновидност на животните облици во рамките на даден вид, екосистем, биом или планета. Копнената биоразновидност е најголема на помалите географски широчини близу екваторот, што најверојатно е резултат на топлата клима и високата примарна продукција. Морската биоразновидност е најголема долж западните брегови на Тихиот Океан, каде температурата на морската површина е највисока, како и во средишниот напореднички појас во сите океани. Биоразновидноста покажува тренд на групирање во биоразновидносни жаришта и зголемување со текот на времето, но многу е веројатно дека ќе се намали во иднина.[1]
Брзите промени во животната средина обично предизвикуваат масовни изумирања.[2] Една проценка вели дека помалку од 1 или 3% од видовите кои постоеле на Земјата се рецентни.
На Земјата постоеле пет поголеми масовни изумирања и неколку помали слични настани кои довеле до големи и ненадејни падови во биоразновидноста. Во фанерозоик (последните 540 милиони години) се забележува брз пораст на биоразновидноста почнувајќи со камбриумската експлозија, период во кој се појавиле мнозинството колена на многуклеточни организми. Следните 400 милиони години имало повеќекратен масовен губиток на биоразновидноста, настани означени како масовни изумирања. Во карбон, уништувањето на дождовните шуми довело до голем губиток на растителен и животински свет. Изумирањето во пермот и тријасот, кое се случило пред околу 251 милиони години, било најштетното; опоравувањето на ’рбетниците од истото траело 30 милиони години. Најскорешното изумирање, изумирањето во кредата и палеогенот, се случило пред 65 милиони години и привлекува повеќе внимание отколку другите, бидејќи довело до изумирањето на диносаурусите.[3]
Времето од појавата на луѓето е обележано со намалување на биоразновидноста што е сè уште во тек, придружено со губење на генетската разновидност. Ова намалување, инаку именувано како холоценско изумирање, е предизвикана главно од влијанието на човекот, а особено од уништувањето на живеалиштата на живите организми. И обратно — биоразновидноста влијае на здравјето на човекот, како позитивно, така и негативно.
Обединетите нации го означија периодот од 2010-2020 како „Деценија на биоразновидноста“.