Обновливи извори на енергија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Обновлива енергија – енергија која се добива од природни извори, како сончева светлина, ветар, дожд, водени бранови и геотермална енергија, кои се обновливи (природно се обновуваат). Технологиите на обновливи извори на енергија ги вклучуваат сончевата енергија, ветерната енергија, хидроенергијата, енергијата на биомаса и биогориво. Скоро целата обновлива енергија доаѓа од Сонцето. Сонцето кон Земјата зрачи 5,25 kWh/m2 на ден. Сончевата константа е 1,366 kW/m2). После векови користење на енергијата на фосилните горива, денес глобалната слика се менува, а обновливата енергија сè повеќе се смета за еден од клучните чинители на идниот развој на Земјата.
Во 2006 година околу 18% од вкупно потрошената енергија произлегла од обновливи извори на енергија, при што 13% отпаѓа на традиционалната биомаса (изгорено дрво). Снагата на водата е следниот најголем обновлив извор со 3%, а топлата вода следи со 1,3%. Од новите технологии како геотермалната енергија, енергијата на ветерот, Сонцето и океаните, заеднички е искористено 0,8% од вкупно потрошената енергија. Техничките можности за нивна употреба се големи, ги надминуваат сите останати веќе достапни извори и биле препорачани како првенствени извори.
Технологиите на обновливите извори на енергија понекогаш се критикувани заради тоа што се испрекинати (неконтинуирани) или неугледни, а и покрај тоа пазарот сè уште расте со многу облици на обновливи извори на енергија. Искористувањето на снагата на ветрот се зголемува 30% годишно со инсталирани капацитети од 100 GW на глобално ниво и широко се користи во неколку држави на Европската Унија и САД. Производната моќност на фотонапонската индустрија достигнала повеќе од 2.000 MW и фотонапонските електрани се особено популарни во САД, Германија, Шпанија, а во последно време и во Кина. Сончевите термоелектрани се користат во Соединетите Американски Држави и Шпанија, а најголемата е со моќност од 354 MW и се наоѓа во пустината Мохаве. Најголемата светска геотермална електрана Гејсерс во Калифорнија е со капацитет од 1517 MW. Бразил има една од најголемите светски програми за користење на обновливите извори кои вклучуваат производство на биоетанол од шеќерна трска и моментално етанолното гориво претставува 18% од бразилското автомобилско гориво. Истото е достапно и во Соединетите Американски Држави.
Технологијата за производство на енергија од обновливи извори покрај кон големите се насочила и кон мали, невмрежени примени, во рурални среди каде енергијата е пресудна во човековиот развој. Кенија има најголем светски удел на мали (20 до 100 W) куќни сончеви системи со преку 30.000 продадени системи на годишно ниво.
Климатските промени проследени со високи цени на фосилните горива, вршната вредност на нафтата, довело владите да ја зголемат својата поткрепа и да го поттикнат и комерцијализираат користењето на обновливи извори на енергија. Спогодбата потпишана во март 2007 година од страна на претседавачот на Европската Унија, условува 20% од национално произведената енергија до 2020 година да биде од обновливи извори со соодветно намалување на емисијата на јаглерод диоксид CO2, кој е причинител на глобалното загревање. Вложувањата во обновливи извори од 80 милијарди американски долари во 2005 година, се зголемила на 100 милијарди во 2006 година. Енергијата на ветерот прва стигнала до 1% од производството на електрична енергија, а Сончевата енергија не е далеку од оваа вредност.