Ветроелектрана
група на ветерни турбини / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ветроелектрана – низа од блиско сместени ветротурбини, најчесто од ист вид, изложени на ист ветар и приклучени со посредство на заеднички раставен уред на електроенергетскиот систем. Ветротурбината е вртечка машина која ја претвора кинетичката енергија на ветерот прво во механичка, а потоа преку електрични генератори во електрична енергија. Притоа роторот на ветротурбината и роторот на електричниот генератор се наоѓаат на исто вратило. Ветроелектраната е обновлив извор на електрична енергија со погон на кинетичката енергија на ветрот.
Ветерната енергија всушност е облик на сончева енергија. Сонцето нерамномерно загрева различни делови на Земјата и тоа резултира со различни притисоци на воздухот, а ветрот се создава заради тежнеењето за изедначување на притисоците на воздухот. Постојат делови на Земјата на кои дуваат т.н. постојани (планетарни) ветрови и на тие подрачја искористувањето на ветерната енергија е најисплатливо. Добри локации се бреговите на морињата и океаните (крајбрежна ветроелектрана), како и отвореното море (пловечка ветроелектрана). Отвореното море се истакнува како најдобра локација заради постојаноста на ветровите, но цените за изградба и пренос на енергијата ги успоруваат таквите вложувања.[1]
При претворањето на кинетичката енергија на ветрот во механичка енергија (вртењето на оската на генераторот, се користи само разликата на брзината на ветрот на влезот и излезот. Алберт Бец, германски физичар, уште во далечната 1919 година го дал законот за енергијата на ветрот, познат како Бецов закон. Според овој закон само 16/27 или 59% од кинетичката енергија на ветрот може да се претвори во механичка енергија со помош на турбина на ветар. Ова е теорискиот максимум, во пракса може да се претворат меѓу 35% и 45% од енергијата на ветрот заради разни загуби во системот.
За користење на енергијата на ветрот често се користат агро-хортикултурни називи, па така се зборува за ветропаркови, ветрофарми или ветрополиња. На тој начин и со самата номенклатура се прави обид да се каже дека не се работи за „прави“ електрани. Затоа треба јасно да се каже, ветроелектраната е електрана и тоа таква која како гориво за производство на електрична енергија го користи ветрот. Оваа електрана како и секоја друга електрана се состои од неколку делови, вклучувајќи ветроагрегати (турбина + генератор), трансформаторски станици, кабли и водови, како и останати припадни објекти. На тој начин се постигнува систематичност во именувањата на објектите за производство на електрична енергија (хидроелектрана, термоелектрана, атомска електрана, итн.) и јасно се искажува дека ветроелектраната е електроенергетски објект, а не елемент од земјоделски карактер или дел од пејзаж.