Заварување
From Wikipedia, the free encyclopedia
Заварување[1] или швајсување[2] – процес на спојување на два или повеќе метални делови од ист или приближно ист хемиски состав. Со спојувањето се добива нераздвојна врска. Заварувањето се изведува под дејство на топлина, со додавање или понекогаш и без додавање дополнителен материјал и со примена на притисок или без него. При заварувањето се врши локално загревање на рабовите на металните делови кои треба да се спојат (заварат). Загревањето се врши до температура при коа металот преминува од цврста во тестава или течна состојба, што зависи од видот и начинот на заварување. Постојат два вида заварувања: заварување со топење и заварување под притисок.
За заварување може да се користат различни извори на енергија, како што е млаз жешки гасови (гасен пламен или млаз плазма), електричен лак, ток наелектризирани честички (млаз електрони или јони во вакуум), текови зрачењe (ласер), електрична струја (електроотпорно заварување), триење, ултразвук и сл. Заварување може да се извршува во работилница, на отворен простор, во вода или во семирот.
Сè до крајот на 19 век, единствено било познато ковачкото заварување, со кое ковачите со векови го спојувале железото и челикот со греење и удирање со чекан. Електролачното и гасното заварување со кислород биле меѓу првите постапки кои биле развиени во 20 век. После тоа биле развиени многу процеси, а меѓу најзастапените било рачното електролачно заварување.[3]